Одлуката за задолжителен негативен ПЦР или рапид тест за влез во Грција, и за вакцинираните и за невакцинираните и за оние кои прележале Ковид-19, воведена на 19 декември 2021 година, продолжена е за уште две седмици, до 24 јануари 2022 година. Мерката важи за сите патници, меѓу кои и оние од Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Новата министерска одлука веќе е објавена во Службен весник на Грција, стапува во сила утре наутро, а предвидува задолжителен негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар.
Нема промени во однос на невакцинираните патници, кои освен тестот направен претходно, задолжително ќе бидат тестирани и при влезот во Грција, мерка што веќе извесен период се применува, а важи за патниците кои пристигнуваат од 16 конкретни земји, меѓу кои и Македонија.
Воведувањето задолжителниот тест за влез во Грција, за сите, од грчката Влада го најавија кон средината на минатиот месец, како привремена и вонредна мерка за време на празниците, да се спречи ширењето на Омикрон, сојот кој сепак, веќе е доминантен во земјата.
Првично, мерката беше до 10 јануари 2022 година, но со новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“, што веќе е објавена во Службен весник на Грција и стапува во сила во утре во шест часот наутро, конкретното правило ќе важи до 24 јануари 2022 година, а МИА детално ги пренесува сите предуслови за патување кај јужниот сосед.
Согласно одлуката „сите патници во Грција, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата, без разлика на вакцинацијата или прележана болест, мора да бидат тестирани негативно“ со ПЦР во последните 72 часа пред нивното пристигнување во земјата или „алтернативно да се тестираат негативно со употреба на брз антиген тест во рок од 24 часа пред нивното пристигнување во Грција“.
Тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Посебна одредба, веќе неколку месеци постои за невакцинираните и за оние кои не прележале Ковид-19, а во Грција пристигнуваат од: Египет, Албанија, Аргентина,Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција и предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР/ рапид тест на влезните точки во Грција.
На влезот, не се тестираат вакцинираните кои имаат сертификат за вакцинација и оние кои прележале Ковид-19 и имаат потврда што важи 30 дена по првиот позитивен резултат и до 90 дена подоцна, кои секако мора да имаат претходно направен ПЦР или рапид тест.
Во однос на потврдите за прележана болест и промените воведени минатиот месец, согласно одлуката, оние кои се издадени од 15 јули 2021 година до 31 октомври 2021 година важат до 31 јануари 2022 година, а останатите се со траење до 90 дена по првиот позитивен резултат.
Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), што треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.
Тестирањата, за вакцинираните и за оние кои прележале Ковид-19 се по случаен избор, а за останатите се задолжителни.
Со оглед на тоа дека времето на изолација во Грција е намалено од десет на пет дена, промени има и во случај на позитивен резултат при тестирањето и предвиден е петдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи.
Лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи, односно блиските контакти на оние кои се позитивни на Ковид-19, имаат можност да се вратат во нивната земја истиот или следниот ден, под услов да добијат два негативни резултати од два теста (ПЦР или рапид) направени во рок од 24 часа и за време на патувањето да носат маска со висока заштита или КН95 или двојна маска.
Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или поминале шест месеци од примената втора доза или немаат прележано Ковид-19 во изминатите три месеци, тогаш треба да бидат во петдневна изолација по последниот контакт со позитивното лице и на последниот ден ден да направат ПЦР или рапид тест.
Доколку блиските контакти се вакцинирани и со трета доза или не поминале шест месеци од втората или прележале Ковид-19 во последните 90 дена, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат на петтиот ден од контактот.
За прекршување на законските мерки и обврски од конкретната одлука, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.
За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, а од Турција преку Кастањес и Кипи, дозволен е влез на 1.500 лица седмично.
Од Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.
Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.