Во Србија денеска се одржуваат претседателски избори, предвремени парламентарни избори и избори за Собранието на Белград и уште 13 градови и општини, а право на глас имаат 6.502.307 граѓани, кои гласаат на 8.267 избирачки места.

Избирачките места се отворени во седум часот, а граѓаните го остварат своето гласачко право до 20 часот. Според податоците на РИК, до 10 часот гласале 9,59 отсто од гласачите, јави дописникот на МИА од Белград.

Според набљудувачите од ЦРТА и невладината ОСА на изборите до 10 часот се забележани неколку помали неправилности околу непочитувањето на процедурите, сликање на гласачките ливчиња, користење на мобилните телефони во Нови Сад, физичка пресметка во Нови Пазар поради што доцнеше отворањето на едно гласачко место.

Изборите во Србија ги следат повеќе од 4.000 набљудувачи од домашните организации ЦРТА и ЦЕСИД, како и делегации од Европскиот парламент, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Европската мрежа на организации за набљудување на изборите (ЕНЕМО).

На претседателските избори на гласачкото ливче има осум кандидати, а за парламентарните се пријавени 19 листи.

Во два града и 12 општини се гласа за состав на локални парламенти – во Белград, Бор, а советници ќе се избираат во општините Аранѓеловац, Смедеревска Паланка, Севојно, Лучани, Књажевац, Медвеѓа, Бајина Башта, Дољевац, Кула, Кладово, Мајданпек и Сечањ.

Граѓаните избираат и 110 советници во белградското Собрание, кои потоа ќе го изберат градоначалникот на главниот град на Србија.

Првите прелиминарни резултати РИК ќе ги објави 24 часа по затворањето на гласачките места, в понеделник на 4 април до 20 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.