Во последните 24 часа во Србија се потврдени 19.901 случај на инфекција со корона вирус, што е највисок број на заболени за еден ден од почетокот на пандемијата.
Досега најголем број новозаболени имаше на 18 јануари, кога беа регистрирани 18.006 нови позитивни случаи.
Во Србија во последните 24 часа се регистрирани 34 починати лица. На болничко лекување се 3.114 лица, а на респиратори 131 пациент.
Редиците пред ковид амбулантите низ Србија не се намалуваат, а веќе со денови е регистриран петцифрен број на заболени. Во моментов доминантен е омикрон сојот кој брзо се шири, но и закрепнувањето е побрзо, посочуваат експертите. Врвот на бранот се очекува кон средината на февруари.
Притисокот од ковид амбулантата се прелива кон болниците, па е зголемен и бројот на хоспитализирани.
Педијатрите во ковид амбулантите и детските болници забележуваат дека расте и бројот на заразени деца.
Д-р Снежана Расовац, пулмолог од Детската клиника во Тиршова во Белград, за РТС изјави дека омикронот брзо се шири, но дава умерено блага слика, ретко тешка кај децата и поминува за пет до седум дена.
Таа објаснува дека кај децата од предучилишна возраст и доенчињата се јавува температура, треска и поретко се појавуваат симптоми на горниот респираторен систем, нос, грло, трахитис, главоболки, конјунктивитис, а на долните дишни патишта бронхитис, бронхиолитис, пневмонија.
Кај помалите деца, кога ќе „се спушти“ и кога ќе го зафати долниот респираторен тракт се јавува кашлање и отежнато дишење – Расовац.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.