Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска им препорача на своите граѓани да избегнуваат патување во делови на Украина кои граничат со Русија и да го одложат патувањето во остатокот од земјата.

Поради влошената безбедносна ситуација во Украина и концентрацијата на вооружени сили на Руската Федерација во областите кон границата со Украина, ги советуваме хрватските граѓани да ги избегнуваат сите патувања во подрачјата на источна Украина кои се граничат со Руската Федерација – соопшти Министерството на својата веб-страница.

Препораката од Загреб следува откако американскиот Стејт департмент, повикувајќи се на закана од руски напад, наложи во неделата повлекување на семејствата на своите дипломати од Украина.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, пак, вчера изјави дека ЕУ нема да го следи американскиот пример, бидејќи не гледа причини за повлекување на дипломатите, но тоа го направија Австралија и Велика Британија.

Германија најави дека ќе им помогне на своите дипломати доколку одлучат да заминат, а Норвешка и Летонија ги советуваа своите жители да не патуваат во Украина.

Хрватското МНР советува одложување и на патувањата кои не се неопходни во другите делови на Украина, а доколку тоа не може да се направи, „се препорачува претпазливост и секојдневно информирање за моменталната ситуација“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.