Дејан Ј. (50) од Суботица, кој е осомничен дека ноќта меѓу петокот и саботата со нож го убил синот Милан Ј.(23), според тврдењата на бројни сограѓани, бил склон кон непромислено однесување и инциденти.

Официјална потврда за тоа што му претходело на злосторството во семејството од Суботица нема, но како што неофицијално дознава српски „Блиц“, откако заедно гледале еден од натпреварите на Мундијалот, настанал конфликт и младиот човек ја напуштил куќата. Потоа, неговата мајка му ѕвонела да си дојде, а кога се вратил, Дејан продолжил да се расправа со него, да му се дере, за на крај да земе нож и да го избоди.

Ја нападнал и сопругата Маја удирајќи ја неколку пати по телото и главата, но жената успеала да се оттргне и да повика полиција. Дејан веднаш е уапсен, а неговата сопруга со повреди е пренесена во Општата болница.

Дејан Ј. работел како цариник, а неговите колеги потврдуваат дека бил како темпирана бомба. Поради неговиот карактер и склоност кон инциденти, тој во 90-тите бил префрлен од Суботица во царинската испостава во Шабац, но подоцна бил вратен, пишува „Блиц“.

Соседите од улицата „Плитвичка“ за весникот велат дека не ја слушнале расправијата кобната ноќ и не знаат што се случило во куќата со број 21, но се во шок и жалат што на таков начин бил згаснат еден млад живот, особено на Милан „добро, воспитано и питомо момче, тотална спротивност на неговиот татко“.

Дејан имаше тешка несреќа или дури две за една година, но успеа да се извлече. Арогантно се однесуваше и зад воланот и во животот. Жал ми е само за убиениот син, нивните други деца и Маја. А, штом тој можеше да убие родено дете, не е човек и треба да се осуди, вели неговиот сосед.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.