Шефот на српската дипломатија и лидер на СПС, Ивица Дачиќ, изјави дека новата Влада на Србија мора да се формира пред одржување на изборите во Белград (2 јуни), бидејќи рокот за формирање на Владата е почетокот на мај, односно 90 дена од денот на конституирањето на Народното собрание, јави дописникот на МИА од Белград.
Ивица Дачиќ изјави дека за Србија некои прашања во моментов се приоритет како членството на Косово во Советот на Европа, но и покрај тоа постојат рокови за избор на нова влада.
-Тој рок мора да се испочитува, ако не се испочитува, тогаш ќе одиме на нови парламентарни избори, а знаете дека јас не сум поддржувач на тоа, додаде Дачиќ.
Кога станува збор за најавениот бојкот на белградските избори од страна на претставници на опозицијата, Дачиќ рече дека не знае дали тоа навистина ќе се случи или не.
-Постојат различни вакви експерименти долго време и тие генерално никогаш не завршиле успешно за оние кои учествувале во нив. Јас сум повеќе за сето ова внимателно да се размислува и сите да учествуваат на изборите за да не се создаваат нови потенцијално спорни ситуации кои нема да ни овозможат да имаме една нормална политичка работа во следните четири години, рече Дачиќ.
Тој додаде дека максимално се залага само за регуларни избори во Србија и за воспоставување таква практика, бидејќи, според него, тоа е демократска традиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.