Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков во интервју за БТВ, предлогот на француското претседателство со Европската унија го оцени како исклучително добар кој направил бугарските позиции да станат и европски, јави дописникот на МИА од Софија.

Она што сега се случува во Македонија, вели Петков, е поради тоа што ним им е многу тешко да ги прифатат тие позиции во моментов, но, како што вели, тие тоа треба да го направат ако сакаат да изберат европски пат.

Во Македонија треба да сфатат дека ако сакаат да се развиваат, европскиот пат е единствениот пат за таа држава – вели Петков.

Според него, би било ужасно Албанија да го продолжи пристапниот процес за членство во Европската унија, а  Македонија да остане надвор од него.

Тој даде оценка 5,50 (од максимални 6 н.з.) за делувањето на бугарската дипломатија по прашањето за  Македонија. Ја пофали и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска од партијата на Слави Трифунов и неговата надворешно-политичка екипа за работата по ова прашање.

Коментирајќи го неуспехот за формирање нова влада вели дека во Бугарија темата Македонија се користи како магла за одвлекување внимание. Според Петков, со темата Македoнија се одвлекувало вниманието додека некој се обидувал да земе определени финансиски средства од Агенцијата за патишта и „Автомагистрали“ и да се потрошат огромни пари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.