Инфлација од пет отсто за следната и 9,7 проценти за тековната година, раст oд 5,6 отсто во 2022 и 1,8 проценти во 2023 година, меѓу другото, предвидува буџетот на Грција за следната година, според портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешниот брифинг со новинарите, Иконому рече дека е „прв буџет во изминатите 12 години што е вон рамките на меморандумски или засилен надзор“.

Овој факт го означува враќањето на земјата во европската нормала, но го покажува и националниот приоритет за одржување на фискалната рамнотежа на земјата. Новиот Буџет е составен во услови на глобална неизвесност, поради енергетската криза, но и притисоците од инфлацијата, истакна Иконому.

Додаде дека стапката на невработеност се очекува дополнително да се намали на 12,7 отсто, наспроти 13,9 проценти предвидени во Програмата за стабилност и 14,2 отсто во Буџетот за 2022 година, а во однос на фискалниот резултат, предвидува дефицит од 1,6 отсто од БДП за 2022 година, а следната година земјата ќе се врати на примарен суфицит од 0,7 проценти од БДП.

Дополнително буџетот предвидува и следната година да се спроведат мерките што беа воведени годинава, како што се субвенции на сметките за струја; намалено ДДВ на безалкохолни пијалоци, на билети за кино, театар и концерти, на фитнес центри, туристички пакети, како и превоз на патници; продолжување на породилниот додаток во приватниот сектор од шест на девет месеци; зголемен станбен додаток за поддршка на студентите; обезбедување стимулации за продолжување на туристичката сезона и во текот на зимскиот период итн.

Сите овие мерки за поддршка на граѓаните и бизнисите, сите активности за заштита на квалитетот на животот, се овозможени благодарение на напредокот на земјата во секоја област од владината политика. Но, пред се, го одразуваат континуираниот напор што го прави нашата Влада за да ја искористи секоја можност што постои, за да одговори на потребите на граѓаните, но и на очекувањата на општеството, истакна Иконому.

Буџетот за 2023 година од утре до петок ќе биде разгледан на надлежната комисија за економски прашања во Парламентот, додека пак на 13 декември ќе биде донесен на расправа на пленарна седница, која ќе заврши со гласање на 17 декември.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.