Сите политички актери и институции во Црна Гора треба да продолжат заедно да работат на реформите, во конструктивен дух, а други тековни политички прашања не треба да одвлекуваат внимание од реформската агенда што води кон полноправно членство во Европската унија, изјави денеска во Подгорица потпретседателот на Европската комисија, Жозеп Борел.

Борел заедно со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, учествуваше во работата на Советот за стабилизација и асоцијација на ЕУ и Црна Гора.

Според Борел, состанокот бил важен за да им се покаже на граѓаните на Црна Гора и на целиот регион, посветеноста на Брисел за заедничка иднина во ЕУ.

– Силата и фокусот на сите политички субјекти треба да бидат насочени на спроведување европски реформи. Не треба да постои ништо поважно за Црна Гора од европскиот пат, посебно во момент кога Црна Гора треба да биде водач во пристапните преговори, смета Борел.

Тој истакна дека ЕУ од Црна Гора очекува да ја укине програмата за економско државјанство за инвеститорите и да се усогласи визната политика со таа на ЕУ.

Вархеји истакна дека со црногорски официјални лица разговарале за економскиот и инвестицискиот план со што ЕУ сака да ја забрза интеграцијата, па Црна Гора да може да биде еден од најголемите корисници, преку градење патишта и пруги што ќе ја поврзат земјата со соседите.

– Европа може да пружи огромна помош во сите овие предизвици. Во оваа земја може да се вложат 1,3 милијарди евра со цел да се надминат тешкотиите, но, потребно е да се остварат резултати, подвлече Вархеји.

Како што тој оцени, и „покрај војната во Европа“, има добра перспектива за Црна Гора.

– Европа е тука и го спроведува тоа што го вети, додаде тој.

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ на заедничка прес-конференција нагласи дека одржувањето на седницата на Советот за стабилизација и асоцијација на ЕУ и Црна Гора во Подгорица за првпат е надвор од ЕУ, големо признание за земјата и оти тоа укажува дека на Западен Балкан идејата за проширување живее најмногу низ Црна Гора.

– Црногорската Влада гледа само еден главен надворешнополитички приоритет, а тоа е како Црна Гора да стане идна членка на ЕУ. Сите мораме да бидеме посветени на тоа прашање, мораме да ги решаваме работите што бараат поширок консензус во општеството, да се оди кон деблокирање на европскиот пат, појасни Абазовиќ.

Доколку Црна Гора успее да ги оствари тие резултати, Абазовиќ верува дека Европската комисија тоа ќе го препознае во извештајот за напредок и земјата ќе се движи кон крајните одредници.

Тројцата функционери се согласни дека моменталната политичка криза во земјата, настаната откако Владата на Абазовиќ, и покрај противењето на поголем дел од црногорските власти, го усвои текстот на Основниот договор со Српската православна црква, единствено може да го забави патот на Црна Гора кон Европската Унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.