Земјите од Западниот Балкан сакаат да формираат заеднички регионален пазар и со тоа да направат важен исчекор кон членство во ЕУ, порача шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок по состанокот со министрите за надворешни работи од земјите во регионот во Берлин, кој се одржа во рамките на ткн. Берлински процес.

Според договорот, граѓаните во регионот ќе можат да ги минуваат границите со лични карти наместо со пасоши, а договорено е и взаемно признавање на универзитетските дипломи и професионалните квалификации.

Го правите животот полесен за вашите граѓани и му помагате на стопанството да се засилат трговијата и економскиот раст во регионот. Ви честитам на овој напредок – порача Бербок.

Брза имплементација

Договорот треба да биде потпишан на самитот на лидерите на земјите од Западниот Балкан и германската влада на 3 ноември.

Бербок ги повика владите на земјите од регионот „брзо да ги имплементираат сите неопходни чекори за да се обезбеди потпишување на сите договори согласно планот“.

Состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на ткн. Берлински процес опфати и разговори за енергетската сигурност, војната во Украина, сајбер-безбедноста и зелената агенда.

Берлинскиот процес го почна поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2014 година. Форматот беше замислен како чекор кон приближување на шесте земји од регионот кон ЕУ.

Голем дел од договореното на состанокот во Берлин се заговара уште од почетоците на процесот, но недоразбирањата меѓу земјите во регионот, пред сѐ меѓу Србија и Косово, ја блокираа подлабоката соработка. Три земји од регионот, Македонија, Србија и Албанија во меѓувреме почнаа паралелна иницијатива за регионална поврзување наречена Отворен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.