Најмалку два дена ќе бидат потребни за да се реши проблемот со поплавата на автопатот Солун – Атина, со што и понатаму останува затворен за сообраќај делот околу Лариса и во двата правци, а возилата се пренасочуваат по алтернативни патишта, јави дописничката на МИА од Атина.

Уште поголем е проблемот во железничкото поврзување на Атина и Солун со оглед на тоа што штетата на железничката мрежа се огромна, а санирањето ќе трае подолг временски период.

Патната и железничката структура во поплавените подрачја, заедно со обезбедување помош за жителите на 21 село во Тесалија погодено од невремето „Даниел“, испумпување вода, отворање патишта биле темите разгледани на утринскиот состанок на Координативниот оперативен центар во периферијата Тесалија, на кој присуствувале надлежните министри и заменици.

Седум од 21 село се без патен пристап бидејќи нивото на водата сè уште не е намалено, а екипи на Противпожарната служба, армијата и периферијата, во соработка со општините обезбедуваат вода, храна, гориво за генератори или што и да побараат месните заедници и жителите.

На состанокот било истакнато прашањето за јавното здравје, а Министерството за здравство упатува апел до жителите да ги следат упатствата за заштита.

До утрово биле собрани и кремирани или закопани над 15.000 мртви животни согласно санитарните прописи, од кои 7.750 вчера, а вниманието на надлежните сега е насочено кон угинатите животни кои се во затворени простори. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.