Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер изјави дека ветото за пристапување на Бугарија и Романија во Шенген зоната мора да остане за да се одржи граничната контрола на ниво на ЕУ, пренесува mediapool.bg. Студениот туш од Австрија за Софија и Букурешт повторно доаѓа од министерот во австриската влада, кој лани во декември беше главниот глас за наметнувањето на вето за пристапувањето на двете членки на ЕУ во Шенген зоната.

Контролата на границите е дел од успесите, затоа ситуацијата останува непроменета“, изјави министерот Карнер за австриските медиуми, сигнализирајќи дека Австрија размислува да го задржи ветото за влез во Шенген зоната.

Карнер беше еден од архитектите на ветото што им беше поставено во декември 2022 година на Романија и Бугарија. Министерот за внатрешни работи е влијателен член на Народната партија на австрискиот премиер Карл Нехамер, кој исто така го поддржа задржувањето на ветото за време на неговата посета на Бугарија пролетва.

Австрија инсистира на ниво на ЕУ, најпрво да се изгради нова, посигурна гранична ограда долж бугарско-турската граница за спречување на влезот на мигранти, пред да размисли за укинување на своето вето.

Инаку, членството на Бугарија во Шенген зоната лани беше блокирано од Холандија и Австрија, а Романија беше блокирана само од Австрија.

Наспроти австрискиот став за задржување на ветото, Бугарија пак се надева дека ветото за влез Шенген зоната ќе биде укинато оваа година поради спроведените реформи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.