Најновата анкета на „Алфа рисрч“ покажува дека доколку во Бугарија се одржат предвремени парламентарни избори партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ воопшто не би влегла во новото Народно собрание, бидејќи е под потребниот изборен цензус од четири отсто.

Партијата што излезе од владејачката коалиција и со опозицијата ѝ изгласа недоверба на владата на Кирил Петков, во моментов има поддршка од само 3,3 отсто.

Во однос на останатите партии, има минимална разлика помеѓу опозициската ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, која е на прво место и владејачката „Продолжуваме со промените“ на премиерот во оставка Кирил Петков.

Поддршката за ГЕРБ, според анкетата, изнесува 21,5 отсто, додека за Продолжуваме со промените е 20,2 отсто.

Бугарската социјалистичка партија (БСП) во моментов е на трето место со 11,5 отсто.

„Демократска Бугарија“ би имала 7,1 отсто од гласовите, а „Препородба“ 7,9 отсто.

Новата партија на поранешниот технички премиер на Бугарија Стефан Јанев, „Подем за Бугарија“, би добила пет отсто поддршка.

Во врска со тоа дали бугарските граѓани се за нови избори или за нова влада која би се избрала од актуелниот состав на парламентот, резултатите покажуваат дека нова влада во рамките на актуелниот парламент поддржуваат 49,5 отсто од испитаниците, а 46,7 отсто се за предвремени избори.

Рејтингот на претседателот на Бугарија, Румен Радев, пак, е паднат за осум отсто. Иако рејтингот од 51 отсто во април годинава е паднат на 43 отсто со последната анкета спроведена во јуни, Радев останува најодобуваниот политичар во државата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.