Бугарскиот технички вицепремиер и министер за транспорт Христо Алексиев за бТВ коментираше дека неговата земја не добила ништо од количества гас од „Гаспром“, што ѝ следувале согласно договорот меѓу нив.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Алексиев појаснил дека Бугарија нема потреба од овие количества гас од Русија.

Бугарската преодна влада за два месеци постигна целосна диверзификација, и тоа по многу добра цена, што можеше да се види по цените за ноември, што ќе бидат под 200 лева (100 евра) за мегават час, рече Алексиев.

Тој изјави дека на тендерите за природен гас за Бугарија учествув але 15 компании од Европа, САД и од Арапскиот Полуостров, а следната недела ќе се склучат два договори за течен гас за ноември по многу добри цени. Следната аукција треба да се отвори во декември.

Овој месец ќе ги отвориме и понудите за среднорочниот тендер што ќе ја покрие не само грејната сезона, туку ќе стигне и до крајот на следната година, рече Алексиев.

Од почетокот на август, кога почна со работа техничката влада на Бугарија, цената на бензините е намалена за 40 центи (20 евроценти).

Алексиев истакна дека просечната потрошувачка на струја од едно семејство во Бугарија е околу 200 киловат часови. Неговата земја ќе постави граница од 250-300 киловат часови за да можат нормалните семејства да имаат корист од тоа.

А кој сака и користи повеќе ќе плати повеќе, изјави бугарскиот вицепремиер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.