Минатата година албанските иселеници, на своите најблиски во татковината, им испратиле 930 милиони евра, што е за околу 100 милиони евра повеќе споредено со претходната година, објави Централна банка на Албанија.

Овој износ е највисок од 2008 година, од кога Банката почна да ги објавува податоците.

Значителниот раст на дознаките кај нас започна од пандемијата со Ковид-19″, но уште повеќе беше нагласен со ценовната криза од минатата година. Севкупно, излегува дека износот испратен минатата година е за 11 отсто повисок од 2022 година, јави Евроњуз Албанија.

Исто така, бројките покажуваат дека последниот квартал од минатата година постигнале историски рекорд, со околу 252 милиони евра или 4 отсто повеќе од последниот квартал на 2022 година.

Истражувањата покажуваат дека има повеќе од 40.000 семејства кои редовно добиваат пари од своите роднини, што се смета и како месечна плата. Парите испратени минатата година од имигрантите имале доволно влијание за да се ублажи кризата со високите цени, за храна или други неопходни трошоци, наведува телевизијата.

Дознаките сочинуваат околу 10 отсто од Бруто домашниот производ, а главен извор на парите се земјите од Европската унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.