Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека Босна и Херцеговина можеби нема да „преживее“ како единствена земја поради навестеното усвојување на резолуција за Сребреница во Генералното собрание на ОН.

„Сосема е можно оваа резолуција да помине, а таа е лоша, само ќе ги усложни односите во Босна и Херцеговина до целосна дисфункција. Поради одредбите на оваа резолуција, Босна и Херцеговина можеби нема да опстане како единствена земја“, изјави Додик за телевизијата „Русија 24“, пренесува Радио-телевизија РС (РТРС).

Тој рече дека „бошњачкиот дел“ на Мисијата на БиХ во ОН работи независно, без одлука на Претседателството на БиХ, на резолуцијата за Сребреница, која треба да биде претставена на седницата на Генералното собрание на ОН на 27 април.

РТРС, исто така, објави дека на крајот на април Додик ќе учествува на меѓународен безбедносен форум во Санкт Петербург, а во истиот град, но во јуни ќе учествува на економски форум, каде што очекува да се сретне со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

Дванаесетиот Меѓународен состанок на високи претставници задолжени за безбедносни прашања ќе се одржи во Санкт Петербург од 23 до 25 април, а Економскиот форум ќе биде од 5 до 8 јуни



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.