Мерки за инфлацијата може да нема, а може и утре да има, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши по работниот состанок со раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).
Одговорајќи на новинарски прашања, Бектеши истакна дека тоа ќе завизи од анализите кои се добиваат на дневна основа, и од Државниот пазарен инспекторат и од Секторот за трговија на Министерството за економија.
Според него, во делот на трговијата, освен замрзнување на цените, има и други механизми кои може да се воведат, како утврдување маржи за одреден производ, селективно, ако има проблеми во одредена индустрија, но, сепак, и тоа треба да произлезе од соодветна анализа во која се вклучени сите институции.
Бектеши додаде и ако е потребно, дека може да се воведат времени мерки, а лично тој, потсети, кога се случуваат неосновани, неконтролирани зголемувања на цените, е за ригорозни мерки како забрана за вршење дејност.
Компаниите, пак, се против замрзнување на цените. Порачуваат дека државата може да воведе и други мерки, како што е намалувањето на даноците.
Во овој контекст, и бизнисот и министерот Бектеши од прес-конференцијата во СКСЗМ упатија критики за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Како што предочи Бектеши, Комисијата од почетокот на КОВИД – кризата до денес не излегла со ниту една претставка, ниту презела конкретна мерка за нечие неетичко однесување, за нефер трговска практика или здружување на одредени компании и концентрација на моќ на одредена фирма.
-Треба да имаме конкретни анализи каде се случува поскапувањето – дали во ланецот на трговијата или има нови цени формирани од страна на производителите. Во делот на одредени производи ние сме повеќе зависно од увоз и таму не можеме да имаме никакво влијание. За домашните производи секако дека имаме механимзи и такви механизми веќе имплементираме. Производствените компании во земјава добиваат милионски суми како директна финансиска поддршка од Владата годишно за секоја инвестиција и да се книжат и тие грантови што ги добиваат во формирање на производните цени за мене е неприфатливо, рече Бектеши во врска со поскапувањето на одредени прехранбени производи.
Министерството за економија, подвлече Бектеши, веќе почна процес за зајакнување на можностите што би ги имала Комисијата за заштита на конкуренцијата. За оваа недела најави состанок со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на кој, како што рече, ДПИ ќе ги добие насоките за постапување согласно Законот за заштита на потрошувачите.
-Ако е потребно, секако дека можеме да носиме времени мерки, но мојот личен став и на Министерството за економија го знаете кога се случуваат вакви неконтролирани зголемувања кои не се основани. Ако има здружение на одредени сектори, јас сум за да се оди и на Законот за заштита на потрошувачите каде што се предвидени поригорозни мерки од прекршочните кои се хармонизирани со Законот за прекршоци, а таму знаете кои се ригорозните мерки. Таму има и забрана за вршење на дејност, потсети министерот.
Веќе неколку месеци, потенцира, Министерството за економија бара експедитивност од страна на некои институции, било да се независни или кои даваат извбештај директно на Владата, алудирајќи на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
-Да не постапат институциите во вакви кризи само со пријави или најави на потрошувачи или ќе излезе нешто во медиуми и потоа прават контроли. Обврска на институциите што треба да направат инспекциски надзор е да контролираат и да прават редовни инспекциски надзори согласно програмите на неделно, месечно, годишно ниво. Не може да оставаме таквите институции да не бидат експедитивни и со месеци по најава на одреден потрошувач да преземат соодветна мерка. Помиваме неколку кризи, а јас уште не сум слушнал да има претставка од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Ние не можеме да се мешаме во работата на таа Комисија директно, зашто се избира од Собранието на Македонија. Затоа почнавме измени во Законот со кој се определува работата на оваа Комисија. И ова не може само во време на криза. Комисијата треба да ги разгледа и другите аспекти – од национален интерес, на одредени компании каде имаше заложба да вршат јавна услуга, а излегуваат во 5 до 12 со став дека ќе ги остават граѓаните без јавни услуги. Такво однесување без да се преземе мерка од Комисијата, во некоја држава не верувам дека може да се случи, истакна Бектеши.
Според претседателот на СКСЗМ, Менди Ќира, стопанството е секогаш за слободен пазар.
-Ние сме за слободен пазар. Не се согласуваме со никакви мерки од Владата освен Комисијата за заштита на конкуренцијата да го контролира покачувањето на цените. Слободниот пазар ги дефинира цените. Ние сакаме да се преземаат мерки, но не да се иницира или да се замрзнуваат цените. Има и други методи кои Владата треба да ги преземе као намалување на ДДВ, на даноци, државни резерви,…, рече Ќира.
На работниот состанок станало збор и за законот за данок на слодираност, како и за измените на Законот за индустриски зони
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.