Ракометната федерација на Македонија (РФМ) соопшти дека билетите за Европското првенство во ракомет кое се игра во јануари се распродадени од страна на организаторот.
РФМ преку соопштение ги информира навивачите дека нема билети за престојното Европско првенство во Германија. Организаторот ги распродал влезниците за групата А каде што е и Македонија.
„Ве известуваме дека до Ракометната Федерација на Македонија секојдневно пристигнуваат барања за билети за претстојното Европско ракометно првенство во машка сениорска конкуренција, кое ќе се одржува во Германија во период од 10ти до 28ми јануари 2024 година.
Ракометната Федерација на Македонија, односно машката сениорска репрезентација е учесник на претстојниот спортски настап, согласно регулативата на Европската ракометна федерација правата за продажба на билети за европски спортски настани се кај домаќинот на првенството, во овој случај тоа е ракометната федерација на Германија и нивниот организационен комитет.
Европската ракометна федерација преку своите медиумски соопштенија уште во месец мај 2023 година, објави дека има огромен интерес за билети за претстојното првенство и дека половина од билетите за натпреварите во продажба се веќе распродадени, особен интерес и побарувачка за билети имаше во групата А каде настапува и македонската сениорска репрезентација, бидејќи во група А се наоѓа и домаќинот Германија.
Од страна на организаторот преку online мрежата за продажба, во месец септември 2023 година беа пуштени во продажба и последните слободни 10.000 билети, кои во екстремен брз временски рок беа распродадени.
Ве молиме бидете информирани дека билетите за натпреварите во Група А каде настапува и македонската репрезнетација, по добиената информација од страна на ракометната федерација на Германија и нивниот организационен комитет се распродадени“, стои во соопштението на РФМ.
Вообичаено за големите натпреварувања секоја репрезентација добива контингент на билети за своите навивачи, но овојпат тоа не е случај. Оние Македонци кои купиле билети по регуларен пат, ќе можат да ја бодрат репрезентацијата во живо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.