Вардар блесна кога беше најтешко и приреди првокласен подвиг со победа против Монпелје на гостински терен во Лигата на шампионите со 28:25.

По црната серија од 7 порази во елитното натпреварување, конечно двојниот европски првак играше шампионски и го изненади лидерот во А групата со победа што може да биде клучна за настап во осминафиналето.

Мартин Томовски беше фантастичен и со 13 одбрани беше творец на победата на „црвено-црните“.

Оливие Њокас го предводеше нападот на Вардар со пет гола, а сите линии кај гостите функционираа беспрекорно.

Вардар почна одлично и постојано водеше, а Монпелје само еднаш имаше предност на мечот, во средината на првиот дел кога беше 6:5 за домаќинот.

Македонскиот шампион брзо ја врати предноста и на полувреме замина со предност од 14:10.

Потоа следеше фуриозна серија од 7:3 и на семафорот стоеше 21:13 за Вардар.

Монпелје се обиде да се врати во игра, намали на 2 гола разлика, но нашиот првак се радува на многу вредна победа.

Ова е и прва победа за тренерот Давид Дејвис со Вардар во Лигата на шампионите.

Томовски беше централни фигура со 13 одбрани, Оливие Њокас постигна пет гола, а Стоилов погоди 4 пати за тимот што конечно одигра како што му доликува на двоен европски првак и ги израдува своите симпатизери.

Вардар сега има 7 бода на шесттото место во А групата по 11 натпревари и е на позиција што гарантира настап во нокаут фазата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.