Данска ја совлада вечерва Шпанија со 26-23 во првото полуфинале на 28. Светско првенство во ракомет и во финалето в недела ќе ја брани титулата освоена на Мундијалот пред две години во Египет.

Данците од самиот почеток остварија предност од четири голови и на полувреме заминаа со водство од 15-10.

Предноста од пет голови ја одржуваа до средината на второто полувреме кога Шпанија се доближи на само гол негатива (19-20).

Сепак, уследи нова серија од 4-0 на данските ракометари со која победникот беше одлучен.

И во Египет пред две години Данска и Шпанија играа во полуфиналето, а Данците тогаш триумфираа со 35-33.

Данска в недела ќе се обиде да ја освои третата светска титула во низа, а противник во финалето ќе биде победникот од дуелот во кој вечерва од 21 часот во Стокхолм ќе играат Шведска и Франција.

Во денешните натпревари за пласман од петтото до осмото место, Германија го победи Египет (35-34), додека Норвешка беше поуспешна од Унгарија (33-25).

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.