Борко Ристовски ќе го тужи Македонскиот олимписки комитет (МОК) пред Судот за спортска арбитража. Ваквиот потег на ракометниот голман доаѓа како одговор на одлуката на претседателот на МОК, Даниел Димевски, донесена преку Дисциплинската комисија на институцијата, за 4-годишна сузпензија за извршување работа во олимпискиoт спорт поради „изнесување на лаги и невистини во ТВ емисија, кои може да се одразат врз МОК“.

Како што истакна Ристовски, кој на прес-конференција дојде во придружба на својот адвокат, Гого Анастасиевиќ, како и со папка полна документи, суспензијата иницирана од Димевски е неиздржана и е потег на заплашување предизвикан од страв да не бидат обелоденети голем број индиции за сторен криминал од негова страна.

За Димевски и неговото делување во спортот има голем број индикации за направен криминал и ако тој мисли дека со ваква одлука ќе ми врши притисок да се откажам од објавувањето на документите, тогаш не ме познава. Јас стојам зад тоа што јавно сум го кажал, а ако тоа не е вистина, тогаш Димевски можеше да ме тужи за клевета, па на суд да се види кој е во право. Наместо тоа, тој одлучи да се затскрие зад институцијата МОК, којашто ја доведе во подредена улога, и донесе нелегитимна одлука. Затоа, јас немам намера да и давам легитимитет на таквата одлука и нема да ја спорам, но затоа ќе одам на повисоко ниво, како што е спортската арбитража во Лозана“, изјави Ристовски.

Истовремено, Ристовски апелираше и до институциите, како што се Јавното обвинителство или ДКСК, дека е подготвен да ги достави собраните документи за тие да одлучат дали треба да покренат постапка против Димевски.

Како што истакна Ристовски, тој нема намера да се откаже во оваа борба, затоа што неговата цел е спортот да биде исчистен од луѓе коишто во него гледаат само можност за лична заработка на нечесен начин. Со цел да покаже дека не влегува во спор со Димевски и преку него, со МОК, за да добие финансиска надокнада, Ристовски јавно порача дека се што евентуално ќе добие како отштета од арбитражата, ќе го донира за спортски здруженија.

Не ми е целта да земам пари од МОК, затоа што тоа се или треба да бидат пари на спортистите. Тие пари не ми требаат и затоа се што ќе добијам како отштета, што според консултации со адвокати и од странство може да биде од 180.000 до 230.000 евра, ќе го донирам, половина за РК Вардар, а другата половина за ФК Вардар“, порача Ристовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.