Тамара Јолевска Попов (35) вчера во Битола, на атлетскиот настан Трчај бе победи на Државното првенство во полумаратон во категорија жени и го освои второто место во апсолутна категорија на Трчај бе. Почнала да трча рекреативно за време на пандемијата, а во меѓувреме стана сериозна натпреварувачка која освојува пиедестали.

Јолевска Попов му го препорачува трчањето секому кој нема нема здравствена индикација да не трча.

Трачањето е здрава и многу убава активност. Чувството по тренингот, она кога ги собираш плодовите од својата напорна физичка работа, е бесценето. Трчајте, предизвикајте се себе си. Не сте свесни за можностите на своето тело, вели Јолевска Попов во разговор за „Република“.

На 18 септември во Скопје ќе се одржи Колор ран 2022 трка, со која ќе се одбележи вториот роденден на клубот ателтскиот клуб Корраннерс. Јолевска Попов е директор на трката на која ќе се одвива долж реката Вардар. Колор ран 2022 ќе биде атлетско уживање на професионална патека од 10 километри, рекреативна од 2,5км како и детска трка од 500 метри која е новитет.

Прво место на Државното првенство во полумаратон во категорија жени во Битола, на Трчај бе

Тамара, како од балелрина, танчерка, професорка на факултет и писателка стана тркачка-маратонка, полумаратнока?

ЈОЛЕВСКА ПОПОВ: Како? Лесно. Откако знам за себе повеќе сум на нозе отколку што седам. Моите почетоци со каква било физичка активност се во далечната 1991. Од тогаш до сега беше балет, балет и само балет. Не ни знаев дека тој херкулес допинг што го добиле моите нозе еден ден ќе ме однесе кон еден од најубавите спортови, атлетиката. Трчав мрзливо на почетокот, со брзина на желка. Не од немукает, туку од незнаење. За време на здравствената криза тоа ми беше аутлет од секојдневието. На Трчаме кон целта ги сретнав Корраннерс, каде што створив многу вредни пријателства. Е, тука дојде структурата во тренинзите на ред. Му благодарам на Бојан што ми објаснуваше трпеливо како да тренирам кога виде потенцијал за да постигнам многу повеќе отколку што мислам дека можам. Лани на Скопски маратон, официјално станав маратонка. И не каква било, туку третопласирана на Националното првенство во маратон во женска категорија.

Трето место на скопскиот маратон

Кога почна да трчаш? Што те мотивираше?

ЈОЛЕВСКА ПОПОВ: Не се сеќавам точно кога почнав да трчам. Само се сеќавам дека кога официјално бев балерина, трчањето го сметав за нешто многу здодевно. А, тоа да ти било одлична активност за беспрекорна ментална хигиена. Мене ме мотивира упорноста да се постигне нешто и каков-таков успех по вложениот труд. Почнав да тренирам сериозно во 2021 и кога видов резултати, се навлеков. Немаше назад. Прво беа полумаратоните и како круна на минатогодишниот труд, мојот прв прилично успешен маратон.

Ако средовчени луѓе почнуваат да трчаат бидејќи сметаат дека треба да бидат активни и да направат нешто добро за себе, ти освен што почна да тренираш, сериозно си ја сфати работата и почна да освојуваш пиедестали.

ЈОЛЕВСКА ПОПОВ: Токму така. Ама и јас се сметам за средновечна, барем во атлетиката. Почнав на 34 сериозно, а на 35 во атлетиката си веќе ветеран. Како што претходно споменав, ме мотивира напорна работа и позитивен резултат. Е, кога ќе забележам дека има резултат, тука се засилуваат упорноста и тврдоглавоста. Минатата сезона навистина сериозно се посветив на тренинзите, не занемарувајќи ниту еден друг аспект од мојот живот и успеав повеќе пати да се кажам на пиедестал, а и да скинам една лента на Кавадаречкиот полумаратон. Убавината во упорноста во мојата ситуација е дека имав огромна поддршка од сопругот Бодин кој го трпеше секој мој аларм во 3.50 наутро затоа што знаеше колку тоа ме прави среќна.
Моите дома имаат еден прекар за мене, Атомска мравка. Откако си го отпечатив тоа на дресот, цел клуб ме вика така. Тоа ја отсликува мојата упорност.

Атомската мравка

Каков е твојот ритуал, трчаш сама, во друштво…?

ЈОЛЕВСКА ПОПОВ: Скопје е интересен град каде што и да сакаш никогаш не можеш да трчаш сам. Само излези на кеј, или за мене и на локалната трим патека, секогаш има некој да те поздрави, да ти поправи друштво и муабет 4-5км, така што мојот ритуал е да трчам, а друштвото е најпријатниот бенефит од оваа активност.

Кому ќе му го препорачаш трчањето и зошто?

ЈОЛЕВСКА ПОПОВ: Секому. Освен ако нема здравствена индикација да не трча, секако да посвети бар 30 минути, тоа се некои 5км на оваа репетитивна, здрава и многу убава активност. Може нема да ужива во секоја секунда, но чувството по тренингот, она кога ги собираш плодовите од својата напорна физичка работа, е бесценето. Трчајте, прееизвикајте се себе си. Не сте свесни за можностите на своето тело. Не е човекот скроен само за комфорна зона. Вистинските предизвици можат да направат да се чувствуваме како супер-луѓе.

Дали во Скопје и во Македонија има сериозна критична маса на која трчањето им е влезено во крвта?

ЈОЛЕВСКА ПОПОВ: И тоа како. Како што споменав, кејот, трим патеките, сѐ е полно во секое време од денот. Тоа се истите тие луѓе со кои утре по трчањето ќе си наздравите со пиво и ќе си раскажувате за патики, часовници, пејсови, трчачки повреди и болки и уште ред други работи. Убавината е што оваа критична маса како да се зголемува од ден во ден. И тоа навистина многу ме радува.

Каде сè имаш учестувавано и кои се твоите најдобри резултати?

ЈОЛЕВСКА ПОПОВ: Имам учествувано на многу трки. Главно низ Македонија, а најдалечната трка ми е во Белград. Би сакаа еден ден да имам шанса да учествувам и на некој од светските маратонски мејџори, но тоа е подвиг за понатаму.

Како мои најдобри резултати би ги издвоила мојата прва трка што заврши со пиедестал, а тоа е Харткор трката организирана од мојот клуб Корраннерс каде што освоив трето место, победата на Кавадаречкиот полумаратон оваа пролет, третото место на полумаратонот Трчај бе во Битола лани и секако, мојот најуспешен настап на Скопски маратон, исто лани, каде што освоив трето место на Национално првенство во маратон во женска конкуренција. Токму овој настап ми овозможи и покана да настапам на Балканско првенство во полумаратон во Ќустендил, Бугарија оваа есен како дел од македонската репрезентација.

Ти си директор на трката Колор ран 2022 која на 18 септември ќе се трча во Скопје. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за трката? Кој може да се пријави, каде ќе се трча?

ЈОЛЕВСКА ПОПОВ: Трката ќе биде еден невиден спектакл. Го одбележува вториот роденден на клубот Корраннерс, но овој пат со партнер, ребрендирана и приближно 5 пати поголема од првиот роденден, првата трка.

Започнуваме пред Ист гејт мол, на платото пред трговскиот центар и по приближно 2 км кон Мавровка и МАНУ, слегуваме на кеј од десната, онаа помалку позната на трчачите, страна. Трчаме кон Систина и вртиме пред болницата за да се вратиме назад и финишираме зад молот, во нивниот амфитеатар на огромна забава и прогласување на победниците. Трките на 2,5км тимска и детската трка исто така финишираат во амфитеатарот на забавата.

На Колорран може да трча секој. Дистанците не се премногу долги, дури и 10км не е предолго доколку тренирате 2-3 пати во неделата. Трките се често фокусирани само на трчачката заедница, но покрај неа, овој пат ги мотивираме компаниите да пријават своите тимови на тимската трка и да работат заедно кон заедничка победа. Децата, пак, за нас се најсветлата точка на овој настан. Имаме пријавени дечиња што се дури и на двегодишна возраст. Тие имаат само една година искуство со одење/чекорење, а веќе добиваат шанса да учествуваат на еден ваков настан и да ја почувствуваат сета еуфорија што таа со себе ја носи.

Зошто го одбравте тој дел на градот за трка?

ЈОЛЕВСКА ПОПОВ: Кејот е нашето природно „живеалиште”. Трчачите најубаво и најудобно таму се чувствуваат. Делот од трката што се случува по скопските булевари е додаден, за да може да стасаме на неверојатната роденденска забава што Ист гејт ни ја овозможува. Овој пат се обидуваме да ја популаризираме и спротивната страна на кејот и да ги прикажеме и искористиме неговите можности во целост. И таму се трча. И тоа многу убаво.

Прво место на кавадаречки полумаратон

Кои се твоите следни трки на кои ќе учествуваш и на кои места „пукаш“?

ЈОЛЕВСКА ПОПОВ: Трки се појавуваат на разни интересни места често. Мојот тренинг план е стриктно фокусиран на Скопски маратон, како капитална трка секоја година. Освен тоа, една од поголемите цели ми е да го истрчам и Белградскиот маратон со посакуваното време, а тоа е една навистина тешка трка.

Но, секако прва трка и еден посериозен тест на формата во оваа речиси равршна фаза на тренинг планот е Колорран, а таму „пукам” на одлично организиран ден со позитивен фидбек од учесниците.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.