Фудбалскиот турнир на Олимписките игри стигна во завршна фаза, а познати се и полуфиналните двојки. За финалето ќе се борат Мароко и Шпанија или Египет и Франција, а двата натпревари се закажани за в понеделник.

Французите стигнаа до полуфиналето со победата против Аргентина во меч кој го одбележаа бројни инциденти. Раниот гол, веќе во петтата минута, беше доволен за домаќините да слават против „гаучосите“.

За Французите, кои од клупата ги предводи Тиери Анри, стрелец беше Жан-Филип Матета, напаѓач на Кристал Палас. Сепак, она за што се пишува и зборува повеќе од самиот натпревар е она што се случи по натпреварот. Веднаш по неговиот крај, дојде до физичка пресметка меѓу играчите.

Сè траеше околу две-три минути пред играчите да бидат разделени. Инцидентот се случил и во тунелот што води кон соблекувалните. Пред, за време и по натпреварот, домашната публика ги исвиркуваше фудбалерите на Аргентина и нивниот селектор.

Се претпоставува дека за се е виновен расистичкиот испад на некои играчи на аргентинската репрезентација по освојувањето на Копа Америка. Тогаш „излезе на површина“ видео на кое се гледа како играчите на сениорската аргентинска репрезентација пеат дека француските репрезентативци се „од Ангола“ и дека имаат „мајки Нигеријки“ и „татковци од Камерун“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.