На средбата на албанскиот премиер Еди Рама и шпанскиот тенисер Рафаел Надал, договорено е во пристанишниот град Драч, да биде изграден мултиспортски комплекс кој ќе ја имплементира методологијата за обука на Академијата „Рафа Надал“.

Ќе биде изграден непосредно до фудбалската академија на Манчестер сити.

– Има многу шампиони и големи професионалци во светот на спортот, но нема многу шампиони со човечки вредности како Рафа. Од далеку секогаш имав впечаток дека Рафа е голем човек, но сега уште повеќе се восхитувам на неговата скромност и начинот на кој му пристапува на животот. Мислам дека вредноста на овој центар ќе лежи не само во учењето тенис или други спортови, туку и во помагањето на децата и младите да разберат колку е важно да се биде професионалец и добар човек, изјави Рама.

Според него вратите на спортски комплексот ќе бидат отворени за децата и ентузијастите на овој спорт од Албанија и регионот, заедно со Фудбалската академија на Манчестер сити.

– Многу сме среќни што објавуваме изградба и отворање центар во Албанија. Проектот е исклучителен и ни се допадна визијата на земјата за промовирање на спортот и неговите вредности. Сигурен сум дека ќе биде успешен, рече Надал.

Центарот ќе има 12 тениски терени, шест терени за падел, игралиште за повеќе спортови, фитнес и велнес центар, базен и ресторан. Покрај тоа, ќе има продавница и музеј со дел од трофеите на Надал и други предмети донирани од големи спортисти



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.