Легендарниот германски тенисер Борис Бекер се соочува со седум години затвор поради прикривање на имот, откако пред пет години прогласил банкрот.

Бекер во 2017 година објави дека банкротирал, но сокрил имот во Велика Британија и Германија, а според законите за банкрот на физичко лице морал да ги открие сите свои финансиски податоци, меѓу кои и имотот што го има пред стечајните управници.

Германецот пред судот во Лозана истакнал дека не е виновен за банкротот, но сега се соочува со дури 24 обвиненија во врска со стечајната постапка и ќе треба да одговара пред британскиот суд за несоработка со властите околу неоткриен имот.

„Јас сум позитивна личност и верувам во англиската јурисдикција. Нормално дека сум нервозен и напнат, но не паничам. Успеавме да го искористиме земјиштето кое го имав на Мајорка за во потполност да го исплатиме долгот кон банката“, вели Бекер.

Тој се соочува со седум годишна казна затвор ако судот пресуди дека е виновен, а тој посочи дека е изигран од т.н. советници и менаџери.

„Јас бев тенисер и не студирав администрација или право. После тениската кариера, а и за време на неа, зависев од разно-разни советници и менаџери, кои очигледно не ми даваа добри совети. И која алтернатива ја имав? Направени се многу грешки, а само јас сѐ уште ги плаќам сметките за тоа“, додаде Бекер.

Судењето на германската легенда е закажано за 21 март.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.