Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија ќе одигра пријателски натпревар против Црна Гора, во рамките на подготовките за стартот на претквалификациите за Европското првенство во 2025 година.

Дуелот е закажан за 16 август во салата „Тополица“ во Бар и ќе биде исклучително важна проверка за новиот селектор Александар Јончевски имајќи предвид дека Црногорците ова лето ќе учествуваат на Европското првенство и се во групата со Шпанија, Турција, Грузија, Белгија и Бугарија. И минатото лето нашата репрезентација тестираше со Црна Гора, но тогаш одигра два натпревара и тоа во Скопје.

Црногорската репрезентација денеска ги почна подготовките за Европското првенство во чии рамки на 4 и 5 август ќе се сретне со Словенија и Холандија, а на 13 август со Србија.

Што се однесува до нашиот национален тим, планирано е подготовките за стартот на претквалификациите да почнат на 8 август во Скопје, а првите дуели од циклусот, Македонија ги игра на 25 август против Данска на гости и три дена подоцна против Словачка во „Кале“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.