Тренерското место во најтрофејниот македонски фудбалски клуб „Вардар“ од денеска е испразнето, откако шефот на стручниот штаб Никола Глигоров поднесе оставка по вчерашниот контроверзен пораз од „Гостивар“ (1-2) во рамки на Втората лига – Запад.
Поднесов оставка од најпосакуваната позиција во македонскиот фудбал. Оставката ја поднесов од лични и морални причини, а никако како последица од неуспехот „Вардар“ да се врати во Првата лига, објави Глигоров, ден по поразот, кој „црвено-црните“ истакнаа дека е последица на скандалозни и тенденциозни грешки на судиите.
Според Глигоров, натпреварот со „Гостивар“ ја прелил чашата со незадоволство.
Цела Македонија го виде срамот на прилепските судии кои за жал го оцрнија македонскиот фудбал на сметка на најголемиот „Вардар“. Никој, никогаш не бил оштетен вака во историјата. 22 кола правеа сценарио во кое беше невозможно да се работи и човек да се надева дека на крај правдата ќе победи. Не знам дали спијат мирно луѓето што делегираат и се креатори на оваа срамна местенка и обезвреднување на најголемиот македонски бренд, посочи Глигоров.
Паралелно со реакцијата на Глигоров и „Вардар“ за вчерашното судење на дуелот во Гостивар, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) соопшти денеска дека по анализирање на натпреварот, главниот судија Влатко Илиоски и вториот помошник Марјан Смилкоски „се суспендираат до крајот на сезоната и нема да бидат делегирани на натпреварите во Првата и Втората лига“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.