Аргентинците и Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) на маргините на Светското првенство во Катар ја одбележаа двегодишнината од смртта на легендарниот фудбалер Диего Армандо Марадона.

Неколку илјади аргентински навивачи се собраа во петокот вечер на еден од плоштадите во Доха за да му оддадат почит на Марадона и да изразат поддршка на својата репрезентација, која по сензационалниот пораз од Саудиска Арабија, вечерва ја очекува дуел против Мексико во рамки на второто коло во групата Ц.

Улиците на Доха беа преплавени со аргентински знамиња, додека голем број аргентински навивачи го скандираа името на Марадона и пееја песни во негова чест.

Премногу ни недостасува. Секогаш беше со нас. Сигурен сум дека ќе ја гледа репрезентација каде и да е и би требало да ни помогне, рече еден аргентински навивач во Доха.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, рече дека Марадона е бесмртен и најави оти на секо Светско првенство во иднина ќе има ден резервиран за сеќавање на легендарниот аргентински фудбалер.

-Сите знаат за уникатната искреност и харизма кои ги имаше Диего. Беше голем лидер во Аргентина, Јужна Америка и во целиот свет. Мораме да продолжиме да го славиме, додаде Инфантино.

Марадона почина на 25 ноември 2020 година од срцев удар во својот дом во Буенос Аирес додека се рехабилитираше од операција на мозокот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.