Слепото насилство и крвта немаат место на нашите стадиони, во нашите градови, во нашето општество, порачуваат во заедничката изјава градоначалниците на Атина и Загреб Костас Бакојанис и Томислав Томашевиќ во која испраќаат порака против насилството по бруталното убиство на 29-годишниот навивач на АЕК, јави дописничката на МИА од Атина.
Двајцата градоначалници го осудуваат „бруталното злосторство кое доведе до губење на животот на еден млад човек и тажната епизода на хулиганство што ги загрози животите на невините граѓани и деца“.
Насилството нема националност. Неговата единствена татковина е омразата. Се надеваме дека сторителите што поскоро ќе бидат пронајдени и казнети како пример за никогаш повеќе да не бидеме сведоци на вакви трагични настани. Во овие моменти не постојат вистински зборови, пишуваат Бакојанис и Томашевиќ и упатуваат искрено сочувство до семејството на жртвата.
Паралелно истакнуваат дека Атина и Загреб имаат пријателски односи на кои тие како градоначалници се посветени дополнително да ги зајакнат и додаваат дека „соработката нема да биде нарушена од насилството на поединци“.
Градоначалникот на Загреб преку неговиот Фејсбук профил соопшти дека вчера испратил писмо со сочувство до Бакојанис, истакнал дека е шокиран од случувањата и во име на градот изразил сочувство до сите граѓани на Атина.
Малку подоцна, Томашевиќ и телефонски разговарал со Бакојанис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.