Шведскиот фудбалски тренер Свен-Горан Ериксон, кој има 75 години и долга и блескава кариера во неколку земји, соопшти дека е многу болен од рак и дека прогнозите укажуваат дека му остануваат уште околу дванаесет месеци живот.

Во најдобар случај, ми останува уште една година. Во најлош случај, нешто помалку“, изјави Ериксон во интервју за шведската јавна радио станица.

Славниот тренер додаде дека „ќе се спротивставува на болеста се додека може“.

„Свеннис“, прекарот по кој е познат, призна дека наместо да седи дома „да се жали дека има лоша среќа“, претпочита да има „позитивен“ поглед и да не се предава на „несреќата“.

Наведувајќи здравствени проблеми како причина, Ериксон минатата година ја напушти позицијата како спортски директор на скромниот шведски клуб Карлштад, последната етапа од долгата и плодна кариера која почна во доцните 1970-ти во неговата родна земја.

По освојувањето на лигата и Купот на УЕФА со шведскиот Гетеборг, тој премина во Бенфика, каде што освои три првенствени титули, а оттаму замина во Италија каде што го помина поголемиот дел од својата кариера во клубови како Рома, Фиорентина, Сампдорија и Лацио. Со „небесно сините“ Ериксон ја освои Серија А, неколку купови, како и уште еден трофеј во УЕФА купот.

Ериксон беше дел и од англискиот фудбал (Манчестер Сити, Лестер), а беше и селектор на Англија, Мексико, Брегот на Слоновата Коска и Филипините. Тој работеше и во кинеската и тајландската лига.

Во Англија тој стана првиот небритански тренер назначен за селектор на фудбалската репрезентација. Ериксон го предводеше Гордиот албион“ помеѓу 2001 и 2006 година, раководејќи го англискиот тим на Светските првенства во 2002 и 2006 година и на Европското првенство во 2004 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.