Во полициска рација во тренинг центар во околината на Фамалица на северот од Португалија, од заробеништво биле ослободени 80 фудбалери за кои се претпоставува дека станале жртви на трговија со луѓе. Станува збор за играчи од Јужна Америка, Африка и Азија на возраст од 13 до 23 години.

Португалските медиуми пишуваат дека станува збор за момчиња кои биле намамени во тренинг центарот во градот Риба д’Аве, со кој раководела агенцијата за управување „ Bsports football academy“. Им било ветено дека ќе добијат шанса да се борат за договори во најдобрите португалски клубови, а нивните родители на агенцијата ѝ плаќале од 600 до 1.300 евра месечно за трошоци за сместување.

Режимот на живот во „тренинг центарот“ всушност наликувал на мешавина од затвор и интернат. На младите им биле одземени пасошите и не им било дозволено самостојно да се движат. Повеќето од нив ќе се вратат во матичните земји откако ќе го дадат своето сведочење на суд.

Министерот за спорт Жоао Пауло Кореја најави натамошна борба против нелегалното регрутирање играчи и трговија со луѓе преку професионалниот фудбал. За вмешаност во овој случај е осомничен и Марио Коста, претседател на генералното собрание на португалската лига, најелитното натпреварување во земјата. Неговата куќа веќе била претресена од полицијата, а тој си поднел оставка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.