Саудиска Арабија оствари триумф над Македонија во пријателскиот натпревар одигран попладнево во Абу Даби. Саудијците на пет минути пред крајот од средбата успеаја да го најдат патот до мрежата и да дојдат до победата. Голот беше постигнат во миговите кога селекцијата на Милевски беше со играч помалку (му се укажуваше лекарска помош на Бејтулаи).

„Прволигашката“ Македонија не го помина успешно овој „тест“, а сега Милевски има појасна слика на кого може да смета од македонската Прва лига во иднина за пријателските мечеви во ноември, како и за квалификациите идната година. Вреди да се напомене дека беше недосуден чист пенал за Македонија во финишот од средбата, кога еден фудбалер играше со рака на гол линијата.

Во првиот дел главно се играше на средината на теренот, каде што и двата тима се обидоа да создадат неколку шанси за да поведадт, но во тоа не успеаја, барем не да направат некоја посериозна прилика.

Во 12. минута закана од Саудиска Арабија преку Абдулрахман, само над голот, а во 17. минута интервенција на Наумовски после закана од АлАбед. Шанса за противнапад во 22. минута на Македонија, но непрецизно завршно додавање до Ибраими кој беше во добра позиција. Во 42. минута последен обид во првиот дел од слободен удар, но Албурајк шутира само над голот на Наумовски. Во последните мигови мал притисок на С.Арабија, но сето тоа без проблеми за македонската селекција.

Вториот дел почна со шанса за Македонија, но ударот на Максимов беше блокиран, а потоа во продолжение не успеа ниту нововлезениот Стојановски. Во 53. минута незгоден удар на Алхамдан, а Наумовски избива во корнер. Следува период на измени, во 58. минута влегуваат Трапановски, Шабани, Николов и Алексовски, а излегуваат Хасани, Максимов, Адем и Наумовски, а нешто подоцна и Мерџани влегува на местото на Велковски.

Во 60. минута селекторот на Саудиска Арабија го смени целиот тим.

Најубавата шанса Македонија ја имаше во 67. минута, но благодарение на интервенцијата на голманот надвор од шеснаесетникот, спречи чиста шанса за Дориев, кој доби топка од Бејтулаи. Следуваше одлична интервенција на Алексовски после обидот на АлАкиди од работ на шесенаесеникот. Голманот на Македонија го брани и ударот на Абдулхамид во 81. минута од средбата. Алексовски изби во корнер.

На пет минути пред крајот на средбата, Саудиска Арабија дојде до предност. Македонија беше со играч помалку откако на Бејтулаи му се укажуваше лекарска помош, па штотуку требаше да влезе, Саудијците нафрлија во шеснаесетникот на Алексовски, а Алшехри со глава го совлада Алексовски.

Бејтулаи во 88. минута го напушти теренот, и влезе Младеновски.

Во финишот од средбата возбудувања пред голот на Саудиска Арабија, и недосуден очигледен пенал за Македонија. Но, на изненадување на сите судијата Ал Калтери не покажа на белата точка и тоа во два наврати. Најпрво Стојановски беше фаулиран во шеснеаесетникот, а уште почудна е одлуката судијата да не досуди пенал откако еден играч со рака интервенираше на гол линијата по удар на Трапановски.

Ова беше и последно возбудување на средбата, по што судијата свирна крај на средбата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.