Атлетико Мадрид е последниот тим кој обезбеди пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите. „Јорганџиите“ синоќа го совладаа минатогодишниот финалист Интер по неверојатна драма која заврши со пенали.

Во регуларното време мадриѓаните победија со 2:1 и ја избришаа негативата од првиот меч во Милано. Во продолженијата голови не паднаа, иако се отворија шанси за двете екипи, а во пеналите дури тројца играчи на „нероазурите“ промашија, па така избраниците на Симоне Инзаги беа елиминирани.

И покрај силниот домашен притисок, Интер прв постигна гол. Федерико Димарко беше прецизен во 33. минута, но во контра нападот израмни Антоан Гризман, а во 87. минута резервистот Мемфис Депај постигна втор гол за домаќините и го испрати натпреварот во продолженија.

При пеналите, за Атлетико промаши само Саул Нигез, а кај гостите непрецизно стрелаа Алексис Санчез, Дејви Класен и Лаутаро Мартинез. Ѕвездата на италијанскиот гигант не го ни погоди голот и спектаклот заврши со триумф на „црвено-белите“.

Двата тима лесно ја надминаа групната фаза и не ги криеја амбициите да постигнат нешто големо на овогодинешното издание на турнирот.

За Атлетико, Лигата на шампионите е последна шанса за трофеј во сезоната, а Интер сакаше да стигне до финалето втора година по ред, откако веќе изгради солидна предност пред ривалите во Серија А.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.