Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) го одби барањето на украинскиот претседател Володомир Зеленски да има видео-обраќање пред финалниот натпревар на Светското првенство во Катар, пренесува американската телевизиска мрежа CNN.

Повикувајќи се на своите извори, телевизијата пренесува дека отфрлањето на обраќањето од страна на организаторот на елитната фудбалска смотра „ги изненадило“ претставниците на кабинетот на украинскиот претседател. Притоа се наведува дека не е јасно дали било планирано обраќањето на Зеленски да биде снимено или емитувано во живо.

Се наведува и дека за оваа тема сѐ уште се водат преговори меѓу претставници на кабинетот на Зеленски и челниците на ФИФА.

Од друга страна, пак, челникот на светската фудбалска асоцијација Џани Инфантино на денешната прес-конференција посочи дека фудбалскиот терен не е место за политички акции и протести, веројатно индиректно алудираше на споменатите преговори.

Зеленски претходно, освен на политички собири на странски челници, имаше видео обраќања и на други медиумски многу следени настани, како на пример доделувањето на американските музички награди Греми и на Канскиот филмски фестивал.

Финалниот натпревар на Светското фудбалско првенство во Катар ќе се игра на 18-ти декември на стадионот „Лусаил Ајконик“, во кој селекцијата на Франција ќе се обиде да ја одбрани титулата во соочувањето со Аргентина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.