Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, беше во екстаза по победата на пенали над Интер и пласманот на неговиот тим во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Тој изрази благодарност до навивачите на тимот, кои, како што кажа, одиграле огромна улога во успехот на „јорганџиите“ на овој натпревар.

-Им се восхитувам на нашите навивачи – пречекот што ни го приредија денеска, од моментот кога пристигнавме на стадионот, беше многу емотивен. Претходно одигравме лош натпревар против Кадиз, па се обидов да ги убедам моите играчи дека не треба да очекуваат голема поддршка од трибините, а мора да дадат се од себе за да го заслужат тоа. Нашите поддржувачи имаат огромно влијание на нашиот стадион. Целиот свет може да го види тоа. Публиката им помогна на играчите да пораснат денес против овој неверојатен противник,  изјави Симеоне веднаш по мечот.

Тој потоа ја анализираше играта на своите фудбалери.

-Коке го остави срцето на теренот, Гризман не престана да трча додека не можеше да се движи. Кога Мемфис (Депај) влезе од клупата, докажа дека навистина ни е потребен. Тоа беше она што ни требаше за да успееме. Да се ​​биде меѓу најдобрите осум можеби звучи лесно, но не е, додаде Аргентинецот по триумфот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.