По двата успешни распродадени настапи на популарниот холивудски актер Никола Ѓуричко, Таксират Фестивал во соработка со „Скопје Комеди“ повторно најавуваат неверојатно шоу во Скопје, овој пат на можеби најпопуларниот ТВ водител во регионот – харизматичниот Зоран Кесиќ. На 24 април во Филармонија, Кесиќ премиерно ќе настапи со неговата приредба „Приказни и песни“ која изминатите 6 години има патувано на 3 континенти со повеќе од 50 изведби.

 

Зошто приказни и песни? 

Затоа што Зоран Кесиќ зборува и пее.

Зошто приредба? 

Затоа што „Приказни и песни“ е малку стенд-ап, малку претстава, малку прес-конференција, малку музички концерт, малку основачко собрание – значи приредба.

Зошто е таа неверојатна?

Затоа што ниту една претстава не е иста, во целовечерната изведба тој разговара и пее за безброј разновидни теми од политика до медитација. Секоја е обоена според местото на изведбата, моменталниот амбиент и моменталното расположение на изведувачот, и секој е единствен настан кој во таа форма ќе се случи тогаш и никогаш повеќе.

Зоран Кесиќ е српски комичар, политички коментатор, ТВ водител и новинар кој е добро познат во Македонија и регионот. Тој е автор на популарните хумористични емисии „Озбиљне вести“, „Дезинформатор“, „Фајронт република“ и на политичката сатира и воедно најгледаната забавна емисија во Србија „24 минути“.

Скопје е резервиран само за една изведба на „Приказни и песни“ и нема да има реприза, билетите се веќе во продажба онлајн и во продажните места на „Мктикетс“. 




Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.