Скопје го добива третото издание на Скопскиот Градски Фестивал кој ќе се одржи викендов. Во петок и сабота (6 и 7 мај) публиката ќе има можност да проследи исклучително интересни настапи на врвни музичари од различни музички правци и жанрови. Во петок на 6 мај Фестивалот ќе се одржува во МКЦ а во сабота, на 7 мај СГФ ќе се одржи во Филхармонија. Концертите ќе започнат во 20 часот.
Исто како и минатите две години, и ова трето издание на Скопски Градски Фестивал донесува возбудливо музичко искуство кое ќе ни го овозможат најдобрите балкански и европски музичари.
На 6 мај, во МКЦ ќе настапат:
Мухамед Ибрахими – извонредниот македонски музичар, гитарист со уникатен на овие простори стил и израз. Неговата музика е фузија на рок, блуз и амбиент, со корени во балканскиот и ориенталниот фолклор.
Code 369 – во моментов најинтересниот македонски рок состав, составен од врвни музичари, со долгогодишно искуство. На настапот на СГФ ќе го промовираат материјалот од новиот албум „Стадиуми на љубовта“ (Stages of Love). Code 369 се одликуваат со енергични живи настапи, инвентивно музицирање и фантастичниот вокал на пеачката Ирена Димовска.
Texas Flood – најпознатиот и најдобар балкански и европски R’n’B бенд ни доаѓа од Белград, предводен од Ненад Златановиќ (Mr. Swagger), легенда на ритам и блуз сцената. Ненад има настапувано со некои од најпознатите светски музичари меѓу кои Lance Lopez, Lucky Peterson, Anа Popović, Enrico Crivellar, Ian Siegal, Matt Schofield, Alex Shultz, Big Daddy Wilson и Alto Reed.
Влезот за публиката во МКЦ ќе биде слободен.
На 7 мај, во големата сала во Филхармонија ќе настапат:
Матија Дедиќ – најпознатиот хрватски и еден од водечките европски пиjанисти, композитор, син на Арсен Дедиќ и Габи Новак. Матија има настапувано со познати музички имиња меѓу кои Alvin Queen, Martin Drew, Ron Ringwood, Boško Petrović, Marc Murphy Band, Patrizia Conte, David Gazarov, Gianni Basso, Miles Griffith, Onder Fokan, Jean Louis Rassinfosse, Anca Parghel, Tomi Emanuel, Lenny White, Kendrick Scott, Jim Madison, Jeff Ballard, Vicente Archer, Buster Wiliams, Larry
Grenadier, N.H.O. Pedersen, Ron Mcclure, Marek Patrman и Salvatore Maiore.
Настапува и со најпознатите балкански музичари меѓу кои Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Џибони и Тамара Обровац. Како лидер има издадено десет албуми.
Heller / Sasse / Gjakonovski / Kostadinovic Quartet – Квартет составен од некои од најдобрите европски џез музичари, ќе настапат за прв пат заедно во овој состав на СГФ. Четворица музичари со исклучителни кариери, секој поединечно настапувал со врвни имиња од европската и светска џез сцена. На контрабас ќе настапи Мартин Ѓаконовски, најпознатиот македонски џез музичар, кој живее и работи во Германија.
Концертите во Филхармонија на 7 мај ќе започнат во 20 часот, а билетите по цена од 500, денари можат да се набават преку www.bileti.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.