Викендов, Скопје беше во фокусот на младите и нивната култура преку два музички настани, кои го одбележаа почетокот на активностите на платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ.

Едукативниот културен центар „Лабораториум“ во центарот на Скопје беше „окупиран“ со млада и повозрасна публика, заинтересирана за културната содржина креирана од два исклучително млади музички колективи.

На сцената во Лаб кафе се претстави младиот и надежен средношколски бенд од гимназијата Никола Карев – „Црно Собрание“. Бендот е активен од 2022 година и досега има едно регионално претставување во Белград. Бендот изведе неколку познати песни од познати македонски рок состави. Како изненадување за публиката, „Црно Собрание“ отсвири и неколку нови авторски остварувања со што ја покажа својата амбиција за понатамошен музички развој. Оттаму, едно од активностите што ќе следат е и издавање на нивен албум во живо за ПМГ Рекордингс, од концертот со кој настапија на отворањето на платформата.

Вториот настан го претстави ОВЦ Колективот (OVC Kolektiv), најмладото прогресивно електронско музичко движење во земјата. Колективот ги става во фокус младите локални диџеи во развој. СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ е платформа која ја препознава оваа прогресивна заедница на млади електронски музичари, менаџери и аудио-визуелни уметници и во соработка со неа, креираше нов простор за креативно изразување и промоција. Пет часовниот денски рејв реализиран под името „New Comers Day Rave“, привлече масовна млада публика и љубители на хард-грув и индустријал техно звукот. Настанот претстави четири исклучително млади и талентирани диџеи.

Платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ ги препознава, промовира, ангажира и соработува со младите, носители и придвижувачи на современата, автохтона младинска култура, со фокус на музиката. Активностите на платформата се во организација на дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“ и здружението „Крај Вардарот“.

СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ во следниов период ќе реализира серија различни културно-уметнички настани, кои редовно ќе бидат објавувани на креираните страници на Инстаграм и Фејсбук.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.