Караванот „Македонијо во срце те носиме“ во четврток (12 октомври) доаѓа во Скопје. По Штип, Велес, Битола, Прилеп, Кочани, Тетово и Кавадарци убавата македонска песна ќе се слушне и во главниот град, каде ќе биде заокружен првиот дел од приказната наречена „Македонијо во срце те носиме“, а која во овој дел од турнејата опфати осум града. Скопскиот концерт ќе се одржи во паркот пред салата Расадник во Кисела Вода, а е со почеток во 20:30 часот.
На репертоарот веќе ви е добро познато ќе се најдат сите 12 песни од проектот – „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“… и, секако, химната на овој крај „Ми заплакало село Ваташа“…, а публиката ќе ги види и чуе Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Зуица Лазова, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Мина Блажев, ДНК, Ламбе Алабаковски и Миле Кузмановски.
„Македонијо во срце те носиме“ е проект со потписот на Скендеровски продукција, а аранжманот на сите 12 песни е на маестро Николче Мицевски. Проектот има за цел да им се продолжи векот на песните и да се испрати порака особено до младите генерации дека треба да го чуваме она што го имаме, највредното – нашата земја и нејзиното наследство.
Дојдете заедно да пееме и да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и, се разбира, да го зачуваме највредното – музичкиот аманет што ни го оставиле генерациите пред нас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.