По премиерата на филмот „Патување пеш“ во режија на Тамара Котевска“, последната фестивалска вечер на „МакеДокс“ ќе продолжи со концерт на македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев, кој со своите виртуозни композиции инспирирани од филмот ќе ја заокружи магичната вечер.
Дуке Бојаџиев е македонски композитор, продуцент и пијанист. Од најмала возраст имал можност да биде во допир со музиката и медицината, како син на Тодор Бојаџиев, македонски композитор на забавни мелодии и гинеколог по вокација. Свири пијано од три годишна возраст, а компонира од свои десет години. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, и потоа заминал за Бостон, каде дипломирал на колеџот Беркли во 2001 година.
Долги години работи во студио како композитор и продуцент, а од 2005 година и како музички директор и пијанист на култната њујоршка театарска група „Д Ситизенс Бенд“ (The Citizens Band), со која работел две и пол години на големи сцени низ цела Америка. Во неговата кариера остварил соработка со холивудски актери, добитници на Оскар, меѓу кои и македонскиот режисер, номиниран за Оскар, Столе Попов. Работел на рекламни кампањи на големи фирми, но и како продуцент на ремиксови на пејачката Синди Лопер.
Со свои концерти започна од 2011 година, најнапред во Античкиот театар во Охрид, а потоа и во Карнеги хол, а соработувал и соМакедонската филхармонија, Тања Царовска, Каролина Гочева, Анѓела Мекласки… и други имиња од музичкиот свет.
Бојаџиев досега има издадено седум соло албуми. Неговата музика е дел од светски познатите компилации „Буда Бар” (Buddha Bar), „Маракеш Експрес” (Marrakech Express) и „Чил аут ин Париз“ (Chill out in Paris). Исто така, продуцирал ремикс за Синди Лопер и за „Блу Мен Груп“, има изработено авторска музика за повеќе македонски и странски филмски остварувања, меѓу кои за филмот „Страв од паѓање“ и за македонскиот филм „До балчак“ на Столе Попов, како и за филмовите на Митко Панов, Иво Трајков, Милчо Манчевски, Данис Тановиќ, како и за овој филм на Тамара Котевска, „Патување пеш“.
Вечерашниот концерт е поддржан од УНХЦР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.