Вечерва, со почеток од 20 часот во МКЦ ќе се одржи концерт на бендовите GAZORPAZORP (Белград), св.Псета (Белград) и ООHS (Софија).

Газорпазорп е еден од најпотентните гитарски бендови на новата генерација на Балканот. Како претставници на новиот бран српски бендови, кои полека и сѐ позабележително ја преземаат палката од рацете на постарата генерација гитарски бендови во регионот, разиграните млади момчиња играат на оригиналноста и автентичноста. Во април 2018 година, тие го издадоа своето дебитантско ЕП, едноставно насловено „EP # 1“ со хиперенергични песни, полни со дисторзии и рапави вокали.

Во декември 2020 година, Газорпазорп го објави EP-то „Од воздух и сонце“ (Moonlee Records), кое носи пет свежи песни, полни со младешки дух, разиграност и страст.

Покрај очигледните влијанија на бендовите како што се Репетитор или Мец, нивниот нефатлив звук ја комбинира впечатливата моќ на ноиз-рокот, комплексноста на мат-рокот, постпанк разиграноста и експерименталноста на психоделичниот рок, комбинирајќи ги и англо-американските и регионалните музички традиции. Со својата современа рок-естетика, Газорпазорп е поставен рамо до рамо со актуелните бендови како што се Squid, Black Midi, Oh Sees, Protomartyr и Tropical Fuck Storm. И покрај младоста на бендот, постои јасен зрел и префинет пристап кон аранжманите на песните, кои со неверојатна леснотија скокаат од експлозивни напади на лудило во лебдечки мирни пасажи и назад. Газорпазорп е гласот на новата генерација на препознатливиот белградски шарм, а пред сѐ фантастичен бенд, кој ја продолжува традицијата на регионална музичка бескомпромисност!

„Во помалку од една минута можете да приметите колку св.Псета се бесни и разуздани, свират како ништо пред нив и да не постоело, а откако ќе ги слушнете тие песни, веќе не е ни проблем доколку ја снема целата музика од иднината“ – Helly Cherry

OOHS! е бугарско-либански космички lo-fi поп-ентитет базиран во Софија. Зад себе имаат две лимитирани касетни изданија за Amek Collective, “Tropic of Cancel” и ѕвездениот “Plutonic Love Songs”. OOHS! имаат настапувано покрај Follakzoid, Moonwalks и VVhile, но и во бројни локални концерти организирани од Alarma Punk Jazz, Amek Collective, Indioteque, Blood Becomes Water и други независни промотери.

Овој настап ќе им биде прв настап во живо од 2020 како и прв воопшто настап во Скопје.

Билетите по цена од 250 денари се достапни на билетарница во МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk. Настанот ќе се реализира согласно актуелните протоколи за организирање настани во затворен простор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.