Откако првиот концерт на нашата музичка легенда, Драган Мијалковски на 2 април во Националната опера и балет се распродаде во рекордно време, организаторите најавија дека се трошат последните билети и за вториот концерт – на 3 април, а трет концерт ќе нема!

Пред големиот јубилеен концерт, музичката легенда Драган Мијалковски најде време за разговор во кој проговори за љубовта кон музиката, подготовките на концертот, радоста за еден вака голем проект… Најави и гостин на концертот, но засега не го открива.

Вашите јубилејните гала-концерти ќе се одржат во придружба на Големиот концертен оркестар и  членови од Националниот џез оркестар во организација на Радио Бубамара. Какво е чувството да се подготвува еден вака голем проект? Како течат подготовките?

Подготовките за јубилејните концерти траат веќе подолго време, речиси повеќе од еден месец. Работи целата екипа, особено на шефот на проектот, од музички аспект, Дамир Имери, кој прави адаптации на нумерите и се додаваат гудачи. Добиваме респектабилен концертен настан. Има многу млади одлични музичари кои уживаат во тоа што го работат, особено во евергрин композициите, кои ги има доста во мојот репертоар.

Чувството за таа подготовка е пред се професионално. Кај мене секога преовладува тој професионален кодекс на однесување. Не збеснувам, ги извршувам секојдневните обврски и си вежбам посветено. Сега се навраќам на одредени песни, а оркестарот засега пробува без мене, па потоа и јас ќе им се придружам на пробите.

На програмата се Вашите најпопуларните песни кои ќе бидат изведени во исти аранжмани како во старите добри времиња. Ексклузивно ќе бидат претставени и две песни од новиот албум, на кој интензивно работите. Ќе ни откриете ли за кои песни станува збор?

На концертите ќе бидат изведени моите стандардни хитови. Публиката веќе ги знае напамет. Такви имам можеби 15 и повеќе, но во моментов за да направам до 20 композиции додадов уште две нови. Едната е „Насмевни се Вардаре“, песна која е позитивна слика на нашата најголема река Вардар. Сите ние емотивно сме врзани за реката Вардар, особено оние кои живеат покрај течението на реката, а песната говори за Вардар како река хранителка.

Втората е балада и се однесува на темата самотијата како нужна, но некогаш како позитивна, а некогаш како негативна. Човекот се повлекува од врева, од настани, од урбан простор и оди во природата…она што јас го нарекувам „наследена дедовина“ и тоа е најчесто во природа, во некое село. Раскажува интересна приказна, со убави описи на природата.

И двете песни се во стилот на воспоставениот македонски шлагер кој потекнува од Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Александар Џамбазов, Славе Димитров, а по нив мојата генерација го надоградуваше шлагерот и ми импонира кога младите презентираат забавна наша македонска песна.

Организаторот вели дека очекува концертотот да биде посебен настан, време за уживање и ронка носталгија и заедничка прослава на домашната музичка култура и нашите најголеми музички вредности…. Како гледате на сето ова?

Се покажа големо интересирање за двата концерти за што особено се радувам. Но, морам да потенцирам дека големо задоволство ми е што работам со млади музичари. Ранко има големо искуство зад себе и овие два концерти кои ни претстојат се организирани на мошне високо рамниште. Посакувам и моите колеги да го доживеат истово и да добијат она што го заслужуваат, она за што сонуваат. Да снимаат песни и да имаат концерти. Очекувам да има и други вакви концерти во иднина. А младите колеги да продолжат да го негуваат шлагерот, со издржани текстови кои ќе остават белег, ќе допрат до емоциите на новите генерации со желба да го задржиме нивото и вкусот.

Академијата на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ годинава му го додели признание за животно дело на Драган Мијалковски.

Мијалковски оваа година одбележува шест децении на музичката сцена. Неговата музичка кариера почнала на аудицијата „Бараме млади таленти“ во 1969 година, кога ден по успешниот настап ја направил првата радиоснимка. Со своите песни трајно ја одбележа домашната забавна музика, а како поп-пејач имаше респектирано место и на екс ју-сцената.

Најголема популарност достигна во 70-тите и 80-тите години кога соработуваше со врвните екс ју-композитори, како Војкан Борисављевиќ, Никица Калоѓера, Славе Димитров, Александар (Ацо) Кораќ, Зденко Руњиќ, со чии песни учествуваше на многуте музички фестивали во Белград, Загреб, Сараево, Опатија, Скопје….

Отпеа многу хитови, меѓу кои се и неколку класици во антологијата на македонската забавна музика. Неговата голема популарност во 70-тите и 80-тите може слободно да се оцени како далечен предок на современата многу раширена „селебрити-култура“.

Добитникот на наградата за животно дело настапи на 27. „Златна бубамара на популарноста“ со голем ревиски оркестар во живо изведувајќи колаж од неговите најопуларни рефрени. Во топ-пејачка форма на своите 74 години, Мијалковски со настапот на „Златна бубамара на популарноста“ се претстави како своевиден Синатра на домашната музика.

Концертот ќе се снима за да се архивира за идните генерации, затоа подгответе се заедно да ги пееме  незаборавните „Кажи ми“, „223-3О5“, „Скопје радост моја“, „Кажи нешто, драга“, „Перонот 3“ , „Моја малечка гулабице“, “Убава си како музика“, „Ти така ми доаѓаш“, „Оди си“, „Иди, иди, душо моја“, „Гитаро моја“, „Лебеди, пловете“ и други незаборавни песни, кои одамна си нашле место во домашната антологија на евергрини.

Разговараше Невена Поповска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.