„Мирно“, песната потпишана од Душан Бачиќ и Дејан Николиќ, што ја прати синергијата на Гоца Тржан и Стефан Здравковиќ- познат како Принц од Врање, ќе биде дел од Интернационалната вечер на „Охрид-фест“.

Ова вкрстено интервју на двајцата блескави вокали, само ја опишува страста со која тие ќе настапат на фестивалот. По фантастичниот дует со Тоше, во темата „1200 миља“ Гоца е во дует со Принц во песната „Мирно“. Како се случи овој музички „спој“: поради привлечноста на песната, взаемна енергија или можеби најдовте некоја сличност со Тоше?

Гоца Тржан: Тоше е незаменлив и хитот „1200 миља“ стана легендарен и ги обележи нашите кариери. Принц има посебна енергија но една заедничка црта помеѓу него и Тоше е прекрасна пристојност, достапност и леснотија со која соработувавме. Песната „Мирно“ допре на прво слушање а реакциите се повеќе од одлични. Нашиот композитор Душан Бачиќ ни ја пушти песната и кога е добра, се оди лесно. Всушност, се е лесно кога работиш со талентирани луѓе, а Принц е преталентиран.

Вистинска привилегија е да се има дует со Гоца Тржан, каков предизвик е на почетокот на кариерата да се настапи со вака познато име?

Принц: Соработката со Гоца Тржан навистина е привилегија. Како етаблирана уметница, таа создаде извонредна кариера и стекна голем број обожаватели. Да се пее со неа е голем предизвик, ама и неизмерна радост. Гоца има неодоллива харизма и неверојатна вокална експресија која може да измами емоции кај секој слушател. Се радувам што на публиката во Охрид заедно ќе и пружиме незаборавно доживување. Ќе биде тоа посебен момент за сите нас и за сите оние што ќе сведочат на нашата музичка синергија.

Гоца Тржан на “Охрид фест“ доаѓа по втор пат: во рани деведесети бевте гостинка на овој познат македонски фестивал… Затоа пак, Принц ќе го има официјалното пробивање на мраз на „Охрид фест“.

Гоца: Уште од многу одамна Охрид ми остана во срцето, но немав прилика често да го посетувам. Ама ете, кога слушнав дека постои можност, веднаш се одлучив да дојдам. Инаку, ја обожавам Македонија, уживање ми е дружење со колеги на фестивали, и едвај чекам „Мирно“ да ја претставиме на македонската публика. Потоа, во план ни е серија концерти низ Македонија, и искрено се надевам дека настапот на „Охрид фест“ само ќе ја зајакне мојата љубов со Македонија.

 

Принц: Учество на 30- то, јубилејно издание на „Охрид фест“ за мене е особено значајно. Да си дел од вака престижен настан со толку големи уметници е вистинска чест и прилика која не е честа. Дадо Топиќ, Неда Украден, Срѓан Марјановиќ.., се извонредни музичари и да си во нивното друшто, на иста сцена, за мене е голема инспирација. Инаку, пред десетина година имав прилика со друштво да пеам на плоштад во Охрид, направивме мал концерт и имавме добра реакција на публиката. Од бакшишот што го добивме, го продолживме одморот на уште два дена. Сега се чувствувам привилегирано што ќе бидам дел од фестивалот кој ја слави музиката и уметноста, и се надевам дека ќе и донесеме радост на публиката.

Што мислите, како македонската публика ќе ја прифатат „Мирно“?

Гоца Тржан: Македонците се еден особено музикален народ кој ја почитува добрата музика и добрите пеачи, чест е да се настапува пред таквата публика. Песната е модерна, ама во неа има многу од нашата балканска душа и емоција и луѓето тоа го препознаваат. Сигурна сум дека на македонците ќе им се допадне нашата песна и дека наскоро ќе се видиме на концерти.

 

Принц: Македонија има богата музичка традиција и љубов кон уметноста, а тоа посебно се чувствува на фестивалите. Очекувам дека македонската публика ќе биде особено срдечна и страствена кон музиката, верувам дека ќе не дочека со голем ентузијазам и радост… Со оглед на тоа што сум од Врање, македонската музика за мене, уште од дете е блиска и позната. Татко ми ја пееше „Зајди зајди“ а јас бев голем фан на Тоше Проески…Македонија има квалитетни изведувачи а со некои имав среќа да се запознам и делам иста сцена со Елена Ристевска, Даниел Кајмаковски, Тијана Дапчевиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.