Во сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, во рамките на МСУ – Летно Кино под тремот ќе го прикажеме експерименталниот документарен филм „Екран за Скопје“ (1988, 31′) на полската филмска режисерка, актерка и продуцентка Малгоржата Потоцка.

Проекцијата е закажана за 26 јули, 21 часот, под отворено небо во МСУ.

Влезот е слободен.

Кустос на МСУ – Летно Кино е Софиа Григориаду.

Филмот следи уметници активни во 80тите додека создаваат претстави, акции и јавни интервенции. Дел од нив, како Кристо, Симон Шемов, Петар Мазев и Јержи Трелински донираа свои дела на уметничката колекција на МСУ – Скопје, но вклучени се и други како Јозеф Робаковски, Иван Владислав Галета, Џоан Џонас. Во меѓувреме, две фигури, скриени зад бело платно, разиграно ги водат гледачите низ модернистичкото Скопје.

По проекцијата следи дружење со музика и пијалаци.

Инаку, документарецот кој ќе го прикажеме е дел од изложбата со дела од вредната уметничка колекција на МСУ „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје”/„No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“, која беше отворена во Кунстхале Виена и која во моментов е отворена во Националната галерија во Прага.

Благодарност до Филип Димевски и Живко Грозданоски за преводот на македонски.

***
Како започна приказната за МСУ – потсетник на светската солидарност во обновата на постземјотресно Скопје

По земјотресот, Обединетите нации веднаш апелираа за помош на скопјани и меѓудругото, потенцираа: „Покрај материјална штета и многуте човечки жртви, важна е и културата како клучна алка во подигнувањето на духот на скопјани“.

Заедно со Меѓународната асоцијација на уметници, иницираа повик до светски познатите уметници да донираат дела. И тука започнува приказната за нашиот музеј. Следната година по земјотресот, во 1964 година се формира Музејот на современата уметност – Скопје, а објектот, оној кој го познаваме денес се отвора во 1970 година.

На повикот до светски познатите уметници да донираат дела, меѓу првите се пријави Пикасо, кој донираше дело за МСУ – Скопје, а по него и многу други: Дејвид Хокни, Виктор Вазарели, Александар Калдер, Кристо и Жана-Клод, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури… Во знак на солидарност, пристигнуваа вредни подароци во МСУ од целиот свет. Денес, колекцијата од над 5.300 дела е збир на важни личности од историјата на уметноста, од Украина до Јужна Африка, од Чиле до Нов Зеланд.

Повеќе од 35 земји земаат учество во обновата на Скопје, помеѓу нив и Владата на Република Полска, која понудила концепциски проект за изградба на објект од јавен интерес. За проект била избрана изградбата на објектот на Музејот на современата уметност, во кој се сместуваат илјадници уметнички дела подарени од светски познати уметници за граѓаните на разрушеното Скопје. На распишаниот конкурс од Здружението на полските архитекти помеѓу 86 пријавени тимови, победуваат Јежи Мокшињски, Вацлав Клишевски и Еугењуш Вјежбицки, познати под псевдонимот „Тигри“.

Замислата била Музејот да се подигне на највиската точка во срцето на Скопје, видлив од секаде, кој ќе доминира над градската панорама како средишен споменик и симбол на светската солидарност во обновата на Скопје. Совршено вклопена во конфигурацијата на скопското Кале и опкружена со панорамата на градот, зградата на МСУ е извонреден пример на архитектурата на доцниот модернизам и потсетник на после земјотресната обнова на Скопје.

На 13 ноември, 1970 со говор на Блаже Конески ќе биде отворен Музејот на современата уметност.

Бројните донации на уметнички дела направија МСУ да стане симбол на светската солидарноста, која денес е трајна вредност во колективната меморија на македонската јавност, издигнат над сите поделби: естетски, политички, верски и расни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.