Филмската програма на 15. „МакеДокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци.
На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.
Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм е во состав Кјара Либерти, Надја Тенштет и Владан Петковиќ. Кјара Либерти работи како консултантка за дистрибуција и опфат на документарните филмови, а од 2022 година е коуметничка директорка на фестивалот „Биографилм“ во Болоња. Надја Тенштет е директорка на „ДОК индустри“ на „ДОК Лајпциг“. Работела во областите маркетинг, продажба и набавки во американските дистрибутерски компании „Цајтгајст филмс“ и „Мајлстон филмс“. По враќањето во Европа во 2011 година, работела за меѓународни филмски фестивали и пазари, како што се Филмскиот фестивал во Локарно и Европскиот филмски пазар (ЕФМ) на „Берлинале“. Владан Петковиќ е новинар, филмски критичар и фестивалски програмски уредник. Тој е новинар сениор во „Синеуропа“, дописник за териториите на поранешна Југославија во „Скрин интернешнл“, еден од уредниците на веб-страницата на Меѓународниот фестивал на документарни филмови – Амстердам (ИДФА) и тамошен програмски советник за кратки филмови.
За наградата „Млад кромид“ од селекцијата „Нови автори“ одлучува комисијата во состав Маел Генег, Игор Анѓелков и Ваутер Јансен. По работењето на разни филмски фестивали, Маел Генег започнува да работи во областа на меѓународната филмска дистрибуција, најпрво со „Поан ду жур“ и „Док и Ко“. Игор Анѓелков (1974) со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 90-тите години на минатиот век преку рецензии во различни дневни, неделни и месечни весници, а потоа и како автор на филмската радиоемисија „Редрум“ на „Канал 103“, а веројатно најпрепознатлив е по филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма. Бил член на жиријата на неколку домашни фестивали, а од 2019 година започнува и неговата активност како член на најстарото здружение на филмски критичари во светот, ФИПРЕСЦИ. Ваутер Јансен е основач на продажната компанија „Сквер ајс“, која претставува смели и авторски внимателно развиени долги и кратки филмови и која заедно со самите филмаџии развива стратегии за фестивалска дистрибуција и продажба на нивните филмови.
Жирито за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец е во состав Инеке Смитс, Иева Убеле и Мартина Дроанди. По дипломирањето фотографија и визуелна уметност, Инеке студира филмска режија и пишување сценарио на Националната школа за филм и телевизија во Англија, каде што и магистрира во 1994 година. Инеке е обучувачка и предавачка, која работи и како советник во разни фондови и организации. Живее и работи во Холандија и во Грузија, како продуцентка во компанијата за филмска продукција „Нуши филмс“ со седиште во Тбилиси. Иева Убеле има широко портфолио кое опфаќа продукција на документарни филмови со фокус на социјални и еколошки прашања. Од 2019 година, таа ја води својата продукциска куќа „Балтик балкан продакшнс“, посветена на продукција и копродукција на филмови со моќни лични наративи и општествени прашања. Мартина Дроанди е агентка за продажба на документарни филмови и ја основа „ДисФлимс“ (DysFlims), продажна компанија специјализирана за дистрибуција на документарни филмови. Магистрирала режија на документарен филм („ДокНомадс“) и дипломирала социјална антропологија и музика.
За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм одлучува комисијата во состав Јустина Грачнер Ботоњиќ, Ива Росандиќ и Јована Ѓорѓиовска. Јустина Грачнер Ботоњиќ веќе 13 години предава ТВ-продукција во Средното училиште за мултимедија и графичка технологија во Љубљана, а во последниве две години предава и аудиопродукција. Ива Росандиќ работи на неколку проекти во областа на културата, со фокус на филмската критика и филмската анализа. Во својата работа особено се интересира за националната и регионалната документарна сцена. Јована Ѓорѓиовска е критичарка, основачка и координаторка на „Гледај.мк“ – платформа за филмска и театарска критика основана во 2018 година, чиј главен фокус е развој на критичката мисла во областа на културата.
Наградата за филм со најдобри етички идеи на 15. „МакеДокс“ ќе ја објави комисијата во состав Себастијан Кајзер, Драгомир Зупанц и Искра Гешоска. Себастијан Кајзер е роден во источен Берлин и студирал култура и театар во Берлин, Лајпциг и Москва. Од 2008 до 2017 година бил драматург во Народниот театар во Берлин. Ги иницирал серијата разговори за иднината на Европа со Славој Жижек, Јанис Варуфакис, Едвард Сноуден, Жулијан Асанж и други. Драгомир Зупанц е роден во 1946 година во Љубљана. Во 1971 година дипломира ТВ и филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Бил уредник на забавно-рекреативната програма на ТВ Црна Гора (1985 – 1990) и главен режисер на Радиотелевизија Србија од 1996 до 2010 година. Неговото работно искуство опфаќа реализација на бројни телевизиски програми и филмови, документарни филмови, како и многу ДВД и ВХС-изданија. Искра Гешоска е основачка и претседателка на Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи уметнички практики. Уште од 1994 година е активна во градењето и зародишот на независниот културен сектор и современите самоорганизациски формати на дејствување во социо-културниот простор. Во 2016 година го основа КРИК – Фестивал за критичка култура и е извршна уредничка на програмата. Беше директорка на независниот културен центар „Точка“ од неговото формирање, па сѐ до неговото затворање (2002 – 2010), како и уредничка во издавачката куќа „Темплум“ и во списанието „Маргина“ во периодот од 1998 до 2008 година. До сега има објавено над 100 есеи, стручни трудови во сферата на критичката теорија, изведувачките уметности, визуелните уметности и културните политики. Во периодот од 2019 до 2024 беше надворешна соработничка и советничка за прашања од областа на културата на тогашниот претседател на Република Македонија, Стево Пендаровски.
Наградите на 15. „МакеДокс“ ќе бидат објавени и врачени на последната вечер, на 22 август, во 20 часот, во Куршумли ан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.