Том Круз и режисерот Кристофер Мекквари оваа недела снимаат воздушни сцени за филмот „Mission: Impossible – Dead Reckoning Part Two“ на американски носач на авиони во Јадранското Море.

Круз минатиот викенд беше префрлен со хеликоптер од италијанскиот град Бари на американскиот носач на авиони. Антонио Паренте, претседателот на филмскиот фонд на италијанскиот регион Апулија, ги потврди овие наводи на италијанските медиуми.

Паренте во четвртокот рече дека Круз полетал во Бари минатата сабота, ја поминал ноќта во хотелот со пет ѕвезди Delle Nazioni, а потоа со хеликоптер од аеродромот во Бари до американскиот носач на авиони, за кој рече дека најверојатно бил U.S.S. George H.W. Bush, но тој не е сигурен.

Тој додаде дека носачот на авиони бил во близина на италијанскиот брег во моментот на пристигнувањето на Круз, но сега е „некаде помеѓу Италија и Хрватска“.

Според него, се очекува холивудскиот актер да го заврши снимањето до крајот на неделата кога ќе ја напушти Италија.

– Горди сме што регионот Апулија беше избран како оперативна база за снимање на вакви сложени сцени – рече Паренте.

„Mission: Impossible – Dead Reckoning Part Two“ е осмиот дел од франшизата „Mission Impossible“ и неговото снимање е завршено на повеќето од планираните локации. Се очекува филмот да се појави во кината следната година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.