Новиот документарен филм на режисерката Тамара Котевска, насловен „Патување пеш“ (The Walk), денеска ќе има светска премиера во Њујорк, на DOC NYC – најголем американски фестивал за документарни филмови.

Филмот е посветен на бегалците од Сирија и Палестина, сниман е две години на територија од повеќе од 10 земји, помеѓу Сирија на исток и Обединетото Кралство на запад, како и на бреговите на Јужна Африка. Во реализацијата на филмот учествуваа и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев.

Главен продуцент на филмот е Grain Media – една од најголемите наградувани британски филмски компании фокусирана на документарните филмови. Македонски копродуцент е ОХО Продукција, a филмот е поддржан и од Агенцијата за филм на Македонија.

Филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом.

Тоа е филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза, која ја следи одисејата на Амал преку два континента. Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија се двајцата исклучително талентирани актери кои се дел овој проект, а ја делат истата судбина како огромен број бегалци кои изгубиле се, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште. Во моментов во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест, џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар, информира продукцијата.

Режисерката Тамара Котевска постигна огромен успех како ко-режисер на документарниот филм „Медена земја“ во 2019 година, кога филмот доби три награди на култниот американски филмски фестивал „Санденс“, а следната година имаше номинации за Оскар во две категории.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.