Шпанскиот филм „Затвори ги очите“ од реномираниот шпански режисер Виктор Ерисе, ќе го отвори 14 тото издание на Филозофскиот филмски фестивал, кое ќе се случи на 7. јуни со почеток во 20:30 часот во Летно кино „Мирно лето“, Кинотека на Македонија.

Филмот е обезбеден во соработка со Шпанската амбасада, а пред проекцијата ќе се обрати Амбасадорот на Шпанија во Скопје, Н. Е. Хосе Луис Лосано Гарсија.

„Затвори ги очите“ е богат и вдахновено поетски филм кој, според зборовите на самиот режисер, е нежна ода за идентитетот и сеќавањето. Едноставната елеганција на филмскиот ракопис и препознатливо одмерениот, многуслоен наратив се уште една потврда на фактот дека Ерисе одамна си има резервирано место во вишите редови на европскиот режисерски пантеон: и на 83 години, 31 година по неговиот последен филм, демонстрира вештина на стар мајстор и свежина на талентиран дебитант. Првото му дава за право да сними длабок филм за загубата и минатото; второто, пак, храброст да експериментира со структурата за да избегне фетишизација на тагата и да се фокусира на она што следува по неа – реакцијата, справувањето, спомените.

Едновремено јасен и енигматичен во разврската, „Затвори ги очите“ комуницира и на метасинематичко ниво. Постапката „филм во филм“ овде не е искористена само како декоративно наративно средство, туку и како суштински коментар на актот на снимање. Меѓу идентитетот и сеќавањата – ни предочува Ерисе – веќе стотина години стои и еден нивен чудесен посредник: филмот, неуморниот чувар на неповратното. „Личноста е повеќе од сеќавање за самата личност,“ забележува на едно место еден од протагонистите во „Затвори ги очите“. И филмот, се чини, е повеќе од сеќавање за филмот: често тој знае и повеќе од оној кој го снимил. Минатото како да е секогаш тука: особено она што е заборавено; не само што тоа не е мртво (би рекол Фокнер) туку – не е ниту минато.

„Затвори ги очите“ годинава беше учесник на многу фестивали ширум светот, а својата долго најавувана и нетрпеливо исчекувана премиера ја имаше лани, на Канскиот филмски фестивал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.