Шпанскиот режисер Карлос Саура почина на 91- годишна возраст, еден ден пред да ја добие наградата Гоја за животно дело, шпанската верзија на Оскарите. Саура го предводеше будењето на шпанскиот уметнички филм по децении фашистичка диктатура под Франциско Франко и ја плени меѓународната публика со страсни фламенко кореографски драми.

Започнал да се занимава со фотографија и аматерски филм, а во 1957 година дипломира на Институтот за кинематографски истражувања во Мадрид каде што подоцна и предава.

Роден во Хуеска во североисточна Шпанија во 1932, детството на Саура беше уништено од шпанската граѓанска војна која започна четири години подоцна. Неговиот татко бил даночен службеник за републиканската влада, а семејството постојано било принудено да се сели додека напредувале франкоистичките сили.

Граѓанската војна неизбежно остави свој белег на неговата работа: неговиот филм „Лов“ од 1966, кој ја освои неговата прва голема награда на филмскиот фестивал во Берлин, беше за група поранешни франкоистички војници кои на крајот се расправаат, а потоа убиваат меѓусебно при лов на зајаци. „Братучетката Ангелика“ во 1974 беше пречекан со протести од десничарите оти главниот лик ги преживуваше искуствата од времето на граѓанската војна, а киното во Барселона каде што се прикажуваше беше бомбардирано со молотови коктели. „Кренете се гаврани“ беше снимен во 1975 додека Франко сè уште беше жив, но излезе во 1976 по неговата смрт и беше симболичното прикажување на животот под диктатура.

Целиот негов опус, низ специфична надреалистичка поетика и црн хумор во кој се мешаат фактите и фикцијата, е насочен кон деконструкција на наследените културни влијанија и врз препрочитување и редефинирање на шпанските историја и културно наследство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.