„Режисерката на ‘Медена земја’ се враќа со современа бајка направена со чувствителност и поезија додека џиновската кукла патува од Сирија низ Европа за да ја раскаже приказната за миграцијата од детска перспектива. Амал, што на арапски значи надеж, е кукла висока 3,5 метри. Нејзините долги нозе ја носат низ огромни предели и мали села. Таа ги дише дрвјата, ги чувствува крилјата на пеперутките, ја дочекуваат со музика и радост и се спријателува со децата во бегалскиот камп, со младите мигранти кои спијат под мостовите и со самиот папа. Но, кој пат води дома кога сте дете бегалец?“. Со овие зборови еден од најголемите фестивали за документарен филм во светот CPH:DOX го најавува филмот на Котевска

Документарецот „Патување пеш“ (The Walk) на Тамара Котевска, на 12 март ќе ја има својата европска премиера на фестивалот за човекови права FIFDH (International Film Festival and Forum On Human Rights) во Женева, Швајцарија. Вториот долгометражен документарен филм на македонската режисерка, позната по „Медена земја“, е посветен на сите бегалци од Сирија и Палестина и го следи патешествието на џиновската кукла Амал, висока 3,5 метри, која претставува млада сириска бегалка, и која се обидува да си најде нов и безбеден дом, патувајќи од Турција до Англија. Филмот ќе се прикаже во рамки на натпреварувачката категоријата за креативни документарци, а проекција ќе има и на 13 март. Фестивалот FIFDH, кој годинава ќе се одржи од 8 до 17 март, над две децении е посветен на киното и на промоцијата на човековите права, а секоја година, во срцето на Женева и паралелно со главната сесија на Советот за човекови права на ОН, презентира филмови и води дебати кои нагласуваат различни борби и ги осудуваат прекршувањата на човековите права каде и да се случат.

Во март „Патување пеш“ ќе има и пет проекции и на еден од најголемите фестивали за документарен филм во светот CPH:DOX (Copenhagen International Documentary Film Festival) како дел од програмата „Highlights“. Филмот пред публиката во Копенхаген, Данска ќе се прикаже на 13, 15, 18, 21 и 22 март, а дел од проекциите ќе бидат проследени со дебати за темата на филмот и прашањето: Каде одите кога вашиот дом исчезнал?

„Режисерката на ‘Медена земја’ се враќа со современа бајка направена со чувствителност и поезија додека џиновската кукла патува од Сирија низ Европа за да ја раскаже приказната за миграцијата од детска перспектива. Во својот втор долгометражен филм, Македонката Тамара Котевска, која го режираше номинираниот за Оскар ‘Медена земја’, започнува долго патување од сириската граница до Турција и патува сè нагоре низ Европа до Ла Манш. Нејзината камера следи две деветгодишни девојчиња кои избегаа од Алепо и војната во Сирија во потрага по нов дом. Асил е заробена во Турција, сираче, без пасош, а сепак полна со надеж. Амал е исто така бегалка, но благодарение на нејзините џиновски чизми, таа може да го пропатува светот преку границите и ништо не може да ја спречи, дури ни омразените христијански фанатици со кои таа се среќава на патот. Амал, што на арапски значи надеж, е кукла висока 3,5 метри. Нејзините долги нозе ја носат низ огромни предели и мали села. Таа ги дише дрвјата, ги чувствува крилјата на пеперутките, ја дочекуваат со музика и радост и се спријателува со децата во бегалскиот камп, со младите мигранти кои спијат под мостовите и со самиот папа. Но, кој пат води дома кога сте дете бегалец?“. Со овие зборови фестивалот CPH:DOX, кој годинава се одржува од 13 до 24 март, го најавува документарецот на Котевска.

Инаку, во креативниот тим на филмот, покрај Тамара Котевска се и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Главен продуцент на филмот е Grain Media – една од најголемите британски филмски компании фокусирана на документарни филмови, а македонски копродуцент е ОХО Продукција. Филмот е поддржан и од Агенцијата за филм.

-Уште една добра вест е што реномираната компанија „Together Films“, со седишта во Лондон и Њујорк и значајно искуство во светска дистрибуција на филмови, ги обезбеди правата на „Патување пеш“ и истиот ќе го дистрибуира низ светот. Тој беше претставен за продажба и на овогодишниот филмски маркет во Берлин, а во следниот период ќе биде дел од маркетите на CPH DOX во Копенхаген и SXSW во САД, соопштија неодамна од ОХО Продукција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.